Бизнисот реагира: Царините не се ревидирани уште од Југославија и се неколкукратно повисоки од европските

Сојузот на стопански комори (ССК) денеска повика на усогласување на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ, со оглед на тоа што голем дел од царинските стапки се неколку кратно повисоки од ЕУ, уште од времето на поранешната Југословенска царинска тарифа. Ова според нив е еден од клучните фактори кој може да придонесе за развој на индустриските компании во земјава.

Во однос на усогласувањето на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ, Трајан Ангелoски, член на Управен Одбор на Индустриската комора при ССК посочува дека имаме неколку кратно повисоки царински стапки од ЕУ, со што за многу производи се плаќа непотребно повисока тарифа. Нашата земја најголемата трговска размена има со земјите на ЕУ, а дополнително два од нашите пет соседи се членки на ЕУ, ваквата состојба многу логично го наметнува прашањето дека нашата царинска тарифа треба да е усогласи со таа на Европската Унија.

„Во овој момент се случува многу царински стапки да се заборавени уште од времето на поранешна Југославија и се енормно високи, на пример во одредени стапки во ЕУ се 3%, а во земјава се 15%. Ваквата состојба ги нарушува тековите на слободна трговија и многу од суровините значително ги поскапува со што многу потенцијални инвестиции поради ваквата царинска политика немаат никаква економска исплатливост и смисла да се реалилизираат во Македонија. Со оглед на тоа што ваквата состојба трае од нашето осамостојување, предлагаме веднаш да се почне со усогласување на тарифите за да бидеме компатибилни со европските пазари и подготвени за наша идна асоцијација“, појасни Ангелески и додаде дека ова барање е нагласувано во неколку наврати и од други институции, домашни и странски компании.

Имено, пред околу еден месец и и Асоцијацијата на компании со технолошко напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија побара од Владата усогласување на царинските стапки со европските. Еден месец подоцна Владата одлучи да Притоа, Владата излезе во пресрет на барањата на овие компании и воведе автономни мерки во одредени области и за одредени компоненти потребни за производство на технолошко напредни производи со кои одреднеи царинин се намалуваат и до 50% со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.

Досега имавме ситуација во која на пример, за одредени електромотори, царината во Македонија е 10%, во ЕУ 2,7%. За индуктивни калеми и електрични трансформатори, царината за увоз во Македонија е 15%, во ЕУ 0%, за прекинувачи за напон што надминува 1000 волти, се плаќа царина 13%, во ЕУ царината е 2,7%…
Ова не се единствени небулозно високи царини кои мора да ги плаќаат македонските компании. Но, домашните компании реагираат дека кога властите наоѓаат начин како да им излезат во пресрет на странските инвеститори, треба да имаат повеќе слух и за домашните компании кои се принудени да плаќаат повисоки царини за многу суровини, а со тоа се и далеку поскапи и понеконкурентни со европските компании со кои се натпреваруваат.

Во овој момент обврска на Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави, а обврската за усогласување во делот на царинските стапки земјата ќе ги има по членството во ЕУ кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ.