Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес учествуваше на панел дискусијата „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“, која се одржа во рамките на „Првата годишна конференција на Министерството за финансии – Економско заздравување и раст по Ковид“. На панелот заедно со вицепремиерот дискутираа и министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Јурген Ригтеринг, регионалниот директор на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим, како и претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија Неби Хоџа и Јелисавета Георгиева Јовевска од Стопанска комора на Северна Македонија.
Битиќи за време на панелот зборуваше за економските мерки кои ги донесе Владата за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, како и за ефектите од спроведените мерки.
Вицепремиерот Битиќи го елеборираше и Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, со кој се планира побрз и одржлив економски раст на Република Северна Македонија.
„За време на кризата, постојано бевме во контакт и зборувавме со меѓународните финансиски институции и сите тие сугерираа дека секоја од земјите поединечно треба да креира мерки со кои силно ќе се стимулираат приватни и јавни инвестиции. Од тука произлезе и Интервентниот план за инвестиции, кој всушност е план кој се однесува за 7 години и е во ист временски период со плановите за поддршка на Европската комисија од 2021 до 2027 година. Со овој план се планираат инвестиции од 8,2 милијарди евра, од кои над 50% се инвестиции од реалниот сектор. Значи ќе ги поддржуваме силно приватните инвестиции и ќе ги реализираме паралелно јавните инвестиции во главните области. Приватните инвестиции се фокусирани во производството, трговијата, туризмот, производството на храна, а да не го заборавиме и енергетскиот сектор, кој ќе биде еден од клучните во иднина за раст на БДП. Од друга страна, јавните инвестиции ќе бидат во инфраструктура, патишта и железница на прво место, но и инвестиции во здравство и во локална комунална инфраструктура. Со интервентниот план за инвестиции ќе делуваме на економскиот развој во пост ковид периодот и ќе се фокусираме на повеќе цели. Главна цел ќе ни биде да ја поттикнеме конкурентноста на локално ниво, за да бидеме конкурентни и атрактивни како дестинација, но не само како поединечна земја, туку на ниво на регион. На овој начин ќе влијаеме да ја подигнеме и конкурентноста на целиот регион, наместо да создаваме конкуренција помеѓу земјите од регионот”, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот и за тоа кои мерки се креирани за да се влијае на отпорноста на економијата на евентуални идни кризни состојби, а ги посочи и активностите кои ги презема Владата за да се намали притисокот врз јавниот долг и да се одржи ликвидноста на буџетот.
„Сите економски мерки кои Владата ги креираше во изминатата година, освен за поддршка на компаниите во текот на кризата, се наменети и за опоравување по кризата, со оглед на тоа колку нашата економија е кревка. Треба да признаеме дека се соочивме со повеќе глобални предизвици; првиот се синџирите на производство на виталните индустрии, кои беа силно погодени. Тука размислувавме дали да подготвиме мерки за поддршка на локалната економија, да биде поконкурентна, или да работиме на мерки за поддршка на регионалната економија да стане поконкурентна. Ние во Владата се одлучивме да работиме на двете. Да работиме на подигнување на конкурентноста на локалните компании да бидат што е можно поконкурентни на регионалниот и на меѓународните пазари. Единствениот пат кон побрзо економско заздравување во пост-ковид периодот е регионалниот пазар, земјите од Западен Балкан да станат важен дел од глобалните синџири на производство. Во таа насока, сите ние, како земји се обидуваме да работиме на креирање на конзистентни економски политики. Го подготвивме среднорочниот план за управување со јавен долг, среднорочниот план за забрзување на економскиот раст, а заедно со тоа го подготвивме и интервентниот план за инвестиции. Сето ова заедно, треба да одговори на прашањата поврзани со јавниот долг, да го потигнеме нивото кое го имавме пред почетокот на Ковид-19 кризата. Во исто време овозможуваме шанса на нашата економија да го достигне нивото на кое мислиме дека треба да биде: да се овозможи забрзан иодржлив економски раст, со кој значително ќе се подобри квалитетот на животот на нашите граѓани “, посочи вицепремиерот Битиќи.