Сите извозно-ориентирани компании би требало да размислуваат за нови инвестиции во постковид периодот затоа што само на тој начин би можело да се врати загубеното време и побрзо да се излезе од ситуацијата која ја предизвика пандемијата, порачал вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при денешната посета на компанијата „Лутекс ” во Долно Оризари, велешко.
Вицепремиерот изразил задоволство што со инвестиции на оваа компанија, која е дел од германската СТС Текстајлс, е рехабилитирана поранешната фабрика „Нонча Камишова”. Плановите на компанијата се до крајот на оваа и следната година да инвестираат нови околу 1,2 милиони евра со што би се отвориле нови работни места.
“Оваа компанија во изминатите четири години има инвестирано околу 2,5 милиони евра од кои 1,5 милиони се во 2020 и 2021 година и има вработено околу 100 лица од Велес и околината. Она што мене ме радува се нивните планови за проширување на производството при што до крајот на 2021 и во 2022 година планираат реализација на нови инвестиции од околу 1,2 милиони евра од кои би се отвориле нови работни места за граѓаните”, изјавил Битиќи.
Смета декасе охрабрувачки позитивните движења на макроекономските индикатори во март годинава кои покажуваат дека економијата во земјава оди напред, а добро е и тоа што се отвараат економиите во Европа.
– За првпат по цела година бележиме сериозна стапка на раст на индексот на индустриското производство од 7,6 проценти, индексот на прометот во индустријата во март бележи раст од 27,1 процент, надворешната трговска размена во првиот квартал од 2021 година бележи раст од 15,8 проценти, а извозот во истиот квартал расте со 18,1 процент. Ова се индикатори кои покажуваат дека економијата оди напред, економските во Европа се отвараат, а тоа недвосмислено влијае и на нашата економија која е силно зависна од европските земји, истакнал Битиќи.
Сопственикот на компанијата „Лутекс”, Маркус Туч изразил задоволство од соработката со локалната и централната власт и нагласил дека во изминатите пет години како компанија континуирано инвестирале во нови машини и унапредување на производството. Пандемијата, како што посочил, предизвикала одредено забавување на процесите, поради забраните за движење и неможноста да се инсталираат веќе набавени машини.
– По февруари минатата година, никој не можеше да патува поради меѓународните рестрикции и беше невозможно да се продолжи со динамиката за инвестиции. Драго ни е што можеме да кажеме дека го надминавме тоа и од овој месец веќе може да се патува. Веќе инсталиравме две нови машини и сигурни сме дека ќе ги исполниме нашите обврски според договорите што ги имаме потпишано, истакнал Туч, изразувајќи надеж дека веќе следниот месец ќе разговараат за нивните идни развојни планови.