ИНТЕРВЈУ

БЛАГИЦА ТРПЕЗАНОВСКА, генерален директор на Кине и Нагел Македонија


Благица Трпезановска е во компанијата Кине и Нагел Македонија (Kuehne+Nagel Macedonia) од нејзиното основање во 1996 година. На позицијата генерален директор, пак, е од 1999 година. Во ексклузивно интервју за едицијата Топ 100 Извозници таа зборува за предизвиците низ кои минува логистичката индустрија во изминатите години, за дигитализацијата и зелената логистика, како и за плановите за развој на македонскиот пазар.

Kuehne+Nagel е водечка светска логистичка компанија, но, како сте позиционирани на македонскиот пазар на транспортни и логистички услуги? Какви се услуги нудите на компаниите?

Трпезановска: Kuehne+Nagel е присутна на пазарот од 1996 година, и низ годините, растеме постепено, нудејќи ги сите услуги кои Kuehne+Nagel ги нуди и глобално. Од едноставни транспортни услуги, преку комплексни решенија, до беспрекорни поврзувања на системи, прилагодувајќи се на потребите на клиентите.

Имаме значителен удел на пазарот во Македонија во камионскиот, бродскиот и авионскиот транспорт, но сметаме дека сѐ уште има простор за раст и проширување на нашето портфолио.

Кои услуги најмногу ги побаруваат компаниите во земјава? Дали постојат одредени индустрии со кои најмногу работите?

Трпезановска: Со оглед на позиционираноста на земјата и трговската размена, доминира камионскиот транспорт со сите негови специфики и различности. Збирните камионски, но и бродски пратки ни се специјалност, а од доаѓањето на компании од автомобилската индустрија, Кине и Нагел Македонија е сериозен партнер во комплексните барања на оваа индустрија.

Имаме сериозна улога и во сите движења на пратките од индустријата за медицински канабис, поседувајќи и имплементирајќи ги сите потребни стандарди.

Кои се предностите на Kuehne+Nagel во однос на останатите конкурентски компании?

Трпезановска: Постојаната желба за напредок, поедноставување на процесите, воведувајќи најнови дигитални решенија е нешто во што Kuehne+Nagel вложува многу. Глобалната присутност, исто така, е од големо значење за нашите клиенти бидејќи мрежа од 79.000 вработени на 1.300 локации во светот значи дека практично нудиме неограничени можности за нив. 

Сепак, професионалноста, доверливоста и искрениот однос со клиентите се нешта за кои веруваме дека се наша предност.

Како кризите и последичните пореметувања во синџирите на снабдување во изминатиот период влијаеа врз работењето на Kuehne+Nagel? Како економското забавување и проекциите за рецесија во Европа можат да се одразат врз индустријата?

Трпезановска: Дејност каква што е логистиката, во голема мера зависи од глобалните поилитичко-економски процеси. Ковид кризата и пост-ковид периодот донесоа многу предизвици за логистичките компании од кои не беше поштеден ниту Kuehne+Nagel, но сепак во овој период бележевме одлични резултати, како на светско, така и на локално ниво.

Во последните година и пол сме сведоци на влијанието на војната во Украина, а и најновиот судир на Блискиот Исток секако ќе донесе одредени импликации. Останува да видиме како сето ова ќе се одрази на европската економија која во голема мера ги диктира економските процеси во Македонија, а од тоа зависат и количините и обемот на работа на логистичките компании во земјава.

Во изминатиот период бевме сведоци на огромни зголемувања на цените, посебно во поморскиот транспорт и за над 400%, но и со големи доцнења во испораките. Каква е сега ситуацијата со цените и испораките?

Трпезановска: Периодот на високи цени во бродскиот транспорт е зад нас, како и предизвиците кои беа карактеристични за овој период, недостиг на контејнери, места на брод, изолации итн. Сега сме во зона на цени од периодот пред 2019 година, дури и пониско, со што полека фирмите се враќаат на своите традиционални партнери од Азија, кои во меѓувреме беа заменети со европски добавувачи.

Ситуацијата е стабилна, но мораме да бидеме внимателни и редовно да ги следиме сите случувања, бидејќи еден инцидент може сериозно да влијае на глобалните процеси во бродскиот транспорт.

Дигитализацијата на процесите и работењето добива се поголемо значење во логистичката индустрија. Колку Kuehne +Nagel вложува во нова технлогогија и дигитализација со цел да обезбеди поефикасни и побебедни услуги за клиентите?

Трпезановска: Слободно можам да кажам дека сме едни од лидерите во индустријата кои континуирано сериозно инвестираат во нови дигитални алатки кои имаат за цел да го поедностават функционирањето на фирмите, но и да внесат поголема ефикасност како кај нивните, така и кај нашите вработени. Дигиталната алатка myKN e мошне практична за добивање понуди, за нарачки и за следење на пратките во реално време, со прилично точна предвидливост. Дополнително, myKN е многу корисна и за различни извештаи, како и за планирање на ланецот на набавки. Ова им го олеснува работењето на клиентите и заштедува време и енергија.

Во светот е се поизразен трендот за еколошки прифатливи и одржливи транспортни и логистички решенија. Колкава е свеста на македонските компании за ова и како се позиционира компанијата кон овој се поизразен тренд на зелена транзиција и  одржливо и општествено одговорно работење?

Трпезановска: И во овој дел, Kuehne+Nagel посветува големо внимание. Секоја збирна бродска пратка од пред три години е еколошки зелена, односно CO2 неутрална. Нудиме можности за неутрализирање на емисиите на CO2 и на целосните бродски, како и на камионските пратки. Од неодамна, нудиме можности и за користење на био-горива, но и сѐ повеќе користиме обновливи извори на енергија за нашите објекти.

Имаме перцепција дека сѐ повеќе македонски компании сакаат да го мерат и неутрализираат својот јаглероден отпечаток како инвестиција во нашето здравје и иднина. Она што радува е дека интересот се буди и гледаме како компаниите во своите одлуки за избор на логистички партнер, сериозно го вреднуваат и аспектот на грижата за околината.

Иако сме прилично фокусирани во заложбите за „зелена логистика“, мораме да го имаме предвид фактот дека како држава сме сѐ уште назад во поглед на патната инфраструктура и достапноста на електрични комерцијални возила споредено со европските земји.

Какви се идните планови на Кине и Нагел Македонија за развој на македонскиот пазар? Какви нови услуги можат да очекуваат вашите постојани и идни клиенти?

Трпезановска: Од изминатата година година во рамките на Кине и Нагел Македонија почна со работа посебен оддел кој се занимава со т.н. „Проектна логистика“, поточно логистика за големи и многу комплексни проекти, како што се на пример ветерни паркови, хидроцентрали, соларни централи, индустриски проекти и проекти за обновливи извори на енергија.

Континуирано работиме на едукација и надградба на своите вработени за обезбедување врвни логистички услуги и уникатно искуство за нашите клиенти, притоа настојувајќи да ги дигитализираме сите можни аспекти од дејноста со цел зголемена ефикасност и забрзување на транспортните процеси.

Во исто време, ги следиме потребите на македонскиот пазар, кој е специфичен по својот обем и карактеристики за една извозно-ориентирана економија, и подготвени сме да понудиме решенија скроени по мерка за клиентите, со цел навистина да го оправдаме слоганот „Продолжена рака на Вашиот бизнис!“.

(Интервјуто е целосно објавено во најновото печатено издание ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ кое излезе во ноември 2023 г.)