Заглавениот товарен брод за контејнери во Суецкиот канал, кој го блокираше транспортот на стоки низ тесниот канал, ќе создаде дополнителни оптоварувања на глобалните синџири на снабдување кои веќе се соочуваат со проблеми заради зајакнување на економската активност и недостигот на контејнери, велат аналитичарите .
Контејнерскиот брод „Evergiven“ долг 400 метри е заглавен во каналот од вторникот, прекинувајќи го сообраќајот на контејнери кои превезуваат стоки, делови и опрема преку најкратката морска врска помеѓу Европа и Азија.
Блокадата доаѓа во време кога поморскиот транспорт на стоки веќе беше под голем притисок заради зголемената побарувачка за стоки заради брзото економско заздравување на кинеската економија .
Во тек се напори за ослободување на пловниот објект, иако експертите за спасување предупредуваат дека процесот може да трае со недели.
Околу 30% од светскиот сообраќај на контејнери поминува токму низ Суецкиот канал.
Отсечената трговска рута може да влијае на околу 10% -15% од светската пропусна моќност на контејнерите додека трае блокадата, велат аналитичарите од „Мудис Инвеститорс Сервис“.
„Зголеменеата потрошувачка и индустриска побарувачка, глобалниот недостиг на контејнери и малата сигурност на услугата од глобалните компании за испорака на контејнери … ги направија синџирите на снабдување многу ранливи и на најмалите надворешни удари“, велат аналитичарите од „Мудис Инвеститорс Сервис“, потенцирајќи дека времето на овој несреќен настан не можело да биде полошо.
Искористувањето на бродот беше со полн капацитет на трговската рута Азија-Европа поради големата побарувачка од европските увозници, при што на терминалите во Европа се појави недостиг на работна сила поради мерките поврзани со коронавирусите, рече Грег Ноулер од консултантската компанија IHS Markit.
Трговската рута Азија-Европа беше во полн капацитет поради големата побарувачка од европските увозници. Кина ги престигна Соединетите држави како најголем трговски партнер во Европа во 2020 година, истакнувајќи ги критичните врски на Азија со индустријата и потрошувачите во Европа, што е исто така и главна дестинација за извоз на Кина надвор од Азија.
Одложувањата во враќањето на празните контејнери на азиските извозници дополнително ќе го влошат сегашниот недостиг на контејнери, велат од консултантската компанија IHS Markit.
Суецкиот канал е исто така претпочитана рута за американските увозници на произведена стока како што се обувки и облека од Југоисточна Азија и Индија, додаваат тие.
Бродовите сега ќе бидат принудени да ја поминат подолгата рута околу ртот Добра надеж во Јужна Африка, што ќе додаде околу 7-10 дена на транспортот, но ќе ги зголеми и трошоците.
Како резултат на тоа, најголем удар ќе имаат производствената индустрија во Европа и автомобилскиот сектор, вклучително и добавувачите на автомобили, велат од Мудис.
„Ова е затоа што тие работат со just-in-time синџири за снабдување, што значи дека не складираат делови и имаат доволно при рака само за краток период и обично ги обезбедуваат деловите од азиските производители“, велат аналитичарите на Мудис.
„Дури и ако ситуацијата се реши брзо, метежот во пристаништата и понатамошното одложување на веќе ограничените синџири на снабдување се неизбежни“.
Тие додадоа дека алтернативните начини на транспорт не се веродостојни, бидејќи воздушниот товарен капацитет е веќе многу ограничен поради помалку глобални воздушни патувања, додека железничкиот превоз меѓу Кина и Европа е ограничен и веќе се приближува до целосниот капацитет.
Министерот за транспорт на Сингапур, најголемиот светски центар за претовар, во четвртокот изјави дека блокирањето на каналот Суец може привремено да го наруши снабдувањето во регионот и потенцијално да предизвика исцрпување на залихите.
„Мое гледиште е дека ова ќе предизвика проблеми на многу земји и индустрии ширум светот на краток рок“, рече Сумит Агарвал, професор по економија на Националниот универзитет во Сингапур.
Извор: Reuters