ИНТЕРВЈУ
БОРИС МАЧАК, потпретседател на НЕЛТ Група за африкански пазари
Пред две недели официјално се отвори CANDY FACTORY во Специјалната економска зона во Луанда, Ангола. Ко-сопственик на фабриката е компанијата Нелт ЛДА, членка на српската групација Нелт. Нелт е важна регионална компанија, а овој тип на инвестиции покажува колку се широки аспирациите за раст.
Разговараме со Борис Мачак, потпретседател за африканските пазари во Нелт Група за стратегијата на компанијата во однос на експанзијата во Африка, како и влијанието на растот врз нејзините операции во балканскиот регион.
Извоз.мк: Прво, зошто Африка?
Борис Мачак: Африка, а особено земјите каде што работиме, се пазари во развој со многу можности во однос на бројот и старосната структура на населението, (најмладиот континент, со најголема стапка на природен прираст), но и поради изобилството на природни ресурси, кои особено денес претставуваат основа на економскиот развој. Истовремено, пазарите се прилично нестабилни, со многу барања и предизвици.
Сепак, ние веруваме дека со паметна стратегија, работењето токму во Африка треба да биде поддршка и еден од најважните придонесувачи за понатамошниот развој на Нелт Група.
Извоз.мк: Кои се предизвиците со кои се среќавате во поглед на работење и развивање на бизнис на тој континент во споредба со Балканот?
Борис Мачак: Културните и социјалните разлики се очигледни, како и разликите во навиките на потрошувачите. Покрај ова, постојат и јазични бариери на пазарите од португалското говорно подрачје (Ангола и Мозамбик). Меѓутоа, еден од најголемите предизвици е недостатокот на квалификувана работна сила. Тоа се млади општества кои релативно неодамна се изборија за независност, по што следуваа внатрешни превирања во борбата за политичка превласт, а сето тоа на некои места доведе до граѓански војни. Како една од впечатливите последици, генерации се изгубени во однос на образованието, па затоа вистинска борба е да се најде образован или талентиран кадар.
Од друга страна, зависноста на африканските економии од цените на природните ресурси ги прави овие пазари многу ризични. Во оваа смисла, клучот за успехот лежи во квалитетното управување со ризиците, преку нивно ублажување во кризни периоди и користење на можностите во периоди на стабилно економско опкружување и негов раст.
Извоз.мк: Колку е голема инвестицијата во Candy Factory и кои се Вашите очекувања во поглед на пораст и проширување на оваа нова производствена единица, како и на вашиот бизнис на континентот воопшто?
Борис Мачак: Во проектот досега се инвестирани 20 милиони евра, со што е комплетно завршена првата фаза која овозможува модерно и високо автоматизирано производство на лижавчиња, гуми за џвакање и бонбони. Втората фаза предвидува проширување на постоечките капацитети, но и влез во производството на сродните категории на производи.
Освен во Ангола, заинтересирани сме да започнеме со производство и на еден од другите два пазари на кои што работиме. Детално ги испитуваме категориите кои би можеле да бидат од интерес.
Во однос на дистрибуцијата, продолжуваме со стратегијата за зајакнување на нашата позиција и растот на деловните операции преку привлекување на нови клиенти и натамошно пробивање на постоечките пазари. Со започнувањето на производството, за прв пат имаме портфолио кое е достапно за најшироките целни групи потрошувачи. Ова ни овозможува да бидеме присутни во помалку развиените провинции, каде што куповната моќ е помала.
Напорно работиме да ги прошириме нашите операции преку отворање нови филијали и формирање партнерства за под-дистрибуција на нашето портфолио. Посебно сме горди на фактот што Замбија е избрана како прв пазар за имплементација на апликацијата Nelt Market B2B. Ова е голем исчекор во начинот на кој го покриваме пазарот и можностите што им ги нудиме на клиентите и купувачите. Имаме големи очекувања во однос на квалитетот и сеопфатноста на услугата што сакаме да ја постигнеме со оваа алатка, а првите показатели се охрабрувачки. Понатамошна имплементација ќе следи на пазарите во Мозамбик и Ангола, а од следната година и на пазарите на Западен Балкан, и тоа верзија со напредни функционалности, во согласност со нивото на развој и трговските барања.
Извоз.мк: Дали ова значи дека ги допревте границите во поглед на раст и инвестиции на Балканот?
Борис Мачак: Не. Од година во година бележиме раст на деловното работење. Оваа година, и покрај глобалните предизвици, беше многу успешна за Нелт Група. Секако дека се очекуваат повисоки стапки на раст во Африка, но амбициите се високи и кога е во прашање Балканот.
Во согласност со досегашната стратегија #Accelarate2025, продолжуваме со инвестиции, со фокус на дигитализација, натамошно зајакнување на инфраструктурата и посебен акцент на организациско зајакнување. Сакаме да обезбедиме долгорочен квалитет на услугата, континуитет на задоволство кај постоечките и привлекување на нови партнери и бизниси, а се со цел за понатамошен одржлив раст.
Извоз.мк: Какво е вашето мислење за енергетската криза и за ситуацијата во Украина, дали ова ги менува плановите за Нелт?
Борис Мачак: Состојбата со Украина и енергетската криза предизвикуваат негативни импликации на глобално ниво, но и на економијата и деловното работење на компаниите на нашите пазари. Свесни сме за ситуацијата, но не ги менуваме амбициите и плановите, туку ефективно се прилагодуваме на новите околности. Како една од првите мерки, започнавме инвестиција во проектот за поставување соларни панели, со што се обидуваме да го намалиме влијанието на поскапувањето на енергијата врз нашиот бизнис.
Извоз.мк: Како функционира Нелт СТ во Македонија која е дел од Нелт Група?
Борис Мачак: Нашата компанија во Македонија е важна членка на Нелт Група. Извесно е дека годината ќе ја завршиме со значителен раст. Уште повеќе сме задоволни од новите партнерства кои се веќе договорени за следната година.
За компанијата Фортенова започнуваме со дистрибуција на дел од нивното портфолио, но имаме и големи очекувања за понатамошниот пласман на нашиот бренд Нутрино и Нутрино ЛАБ.
Во Скопје имаме одличен тим, кој со целосна поддршка од целата Група, амбициозно се стреми да го продолжи забрзаниот двоцифрен раст
Комерцијална објава