Боријан Борозонов е нов управител на компанијата Џонсон Мети во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Борозанов има повеќе од дваесетгодишно искуство во меѓународен менаџмент и лидерски позиции во Европа, САД и во земјава, вклучително и во автомобилската индустрија.
Тој доаѓа од компанијата Аптив Сервисес Македонија, каде од 2016 година работел како генерален директор/управител.
“Исклучително сум возбуден што сум дел од визијата на Џонсон Мети за почист и поздрав свет. Живееме во предизвикувачки времиња што влијаат на сите ширум светот. Џонсон Мети, глобален лидер во одржливи технологии, е во првите редови на сите големи мега трендови и активностите на компанијата се во срцето на решенијата што помагаат во обезбедување на почист воздух и овозможуваат иднина со помалку јаглерод во воздухот. Фабриката на Џонсон Мети во Македонија е еден од најважните столбови на глобалната стратегија на Џонсон Мети – горди сме што отприлика едно од три нови возила во светот имаат дел произведен од наши раце и горди сме што обезбедуваме почист воздух за сите, денес и за идните генерации”, изјави новиот управител на компанијата, Борозанов.
Боријан Борозанов е дипломиран инженер архитект, со MBA во глобален менаџмент од „Тандербрд“ школата за глобален менаџмент во Феникс, Аризона САД како „Фулбрајт“ стипендист, а во моментов ја изучува програмата за предводење претпријатија на школата за менаџмент „Келог“ во Еванстон, Илиноис САД, како „Зафировски“ стипендист.
Говори мајчин македонски и англиски јазик. Како раководител на Одделот за услуги на инвеститори во Invest Macedonia во периодот меѓу 2007 и 2012 година, Борозанов ја помогнал реализацијата на 12 инвестиции со вредност од над 100 милиони американски долари со кои се отворени нови 2.500 работни места во автомобилскиот ланец на снабдување.
Британската компанија Џонсон Мети ја користи науката за да создаде почист, поздрав свет. Тие се светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Џонсон Мети работи во над 30 земји ширум светот и вработува повеќе од 15 000 луѓе. Една третина од сите нови возила ширум светот имаат катализатори од Џонсон Мети. Во фабриката на Џонсон Мети во ТИРЗ Скопје 1 работат повеќе од 1.000 луѓе.