ИНТЕРВЈУ
БОРИЈАН БОРОЗАНОВ, директор на Џонсон Мети во Македонија
-Македонија и светот поминуваат низ една од најголемите економски и енергетски кризи. Со какви проблеми и предизвици се соочува Џонсон Мети Македонија во секојдневното работење и извозот на странските пазари?
Борозанов: Постои очигледна тензија предизвикана од различни фактори во глобалните синџири на вредности. Флуктуациите од страна на побарувачката на пазарот на мобилност бараат дополнителен напор и агилност во организирање на нашите распореди за производство. Страничните удари на снабдувањето и продолженото време на испорака бараат дополнително внимателно планирање и дополнителни (бафер) залихи. И ограничувањата поврзани со Ковид 19 ширум светот сè уште претставуваат загриженост.
Посветени сме да обезбедиме најдобри производи и услуги на нашите клиенти и најбезбедна работна средина за нашите луѓе. И покрај многу предизвикувачкото макро опкружување, не дозволуваме никаков компромис со нашите основни деловни принципи.
–Инфлацијата и цените на енергенсите се на рекордно високо ниво. Истовремено, поскапени се речиси сите трошоци и суровини за производството. Како оваа ситуација се одразува врз работењето на компанијата и какви промени и потези преземате во управувањето со компанијата за полесно да се надмине овој кризен период?
Борозанов: Инфлацијата и енергетската криза, особено во Европа, создаваат сериозен предизвик и потенцијал за ерозија на маргините. Макро опкружувањето без исклучок не се споредува со ништо што сме го виделе во последните 30-40 години. Всушност, треба да идентификуваме и испорачаме дополнителни извори на продуктивност и да го најдеме вистинскиот баланс со нашите клиенти.
Нашите планови за континуитет на бизнисот вклучуваат различни сценарија за нарушување на снабдувањето и екстремните цени и се потпираме на договорите за партнерство со нашите засегнати страни. Вклучувајќи ја и Владата, која треба да ја игра својата улога во ублажување на секое нарушување во снабдувањето со енергија или ризикот од колапс на локалниот пазар.
Уште поважно е да се има долгорочен стратешки поглед и посветеност на одржливоста. Одговорното снабдување со енергија и ефикасност е еден од столбовите на нашата стратегија.
Сериозно размислуваме за неколку алтернативи за обновливи извори на енергија во текот на нашето патување да достигнеме нето нула до 2040 година.
–Пост–пандемиското заздравување, но и војната во Украина предизвикаа големи проблеми и прекини во синџирите на снабдување. Дали и со какви проблеми се соочува Џонсон Мети Македонија во логистичкото работење и какви промени се прават за да се надминат овие проблеми.
Борозанов: Глобалниот бизнис страда од дисбалансот и нарушувањето на глобалните трговски рути и ќе биде потребно извесно време да се прилагоди на она што го сметавме за нормално пред пандемијата. Зголемувањето на цените на логистиката е предизвикано од капацитетот речиси подеднакво, како и од енергетските пикови.
Ние сме исклучително внимателни во нашето планирање и се трудиме проактивно да ги решаваме сите проблеми преку честа комуникација со нашите клиенти и добавувачи.
–Кои се проценките и очекувањата за периодот што следи за работењето на Џонсон Мети Македонија, за индустријата во која работите и економијата во целост? Дали очекувате прекини во производниот процес, намалување на производството и бројот на вработени, влошена ликвидност и профитабилност, зголемено задолжување, зголемување или намалување на извозот…?
Борозанов: Многу извори, вклучително и ММФ и Светската банка, наведуваат дека некој вид глобална рецесија е дел од нивните основни прогнози за следната година. Македонија секако нема да биде исклучок.
Автомобилската индустрија е циклична по својата природа, но се чини дека таканаречената полупроводничка криза почнува да се намалува. Останува сите да видиме дали ќе има структурно поместување на побарувачката.
Нестабилноста на пазарот ќе остане уште некое време и бара да продолжиме да ги прилагодуваме распоредите за производство и да бидеме поагилни. Нашето разновидно портфолио на производи помага и во ублажување на некои од пазарните ризици. Сега нема планови за технолошки вишок поврзани со краткорочни прекини.
Џонсон Мети Македонија останува стратешка локација за нашиот Clean Air бизнис и го позиционираме нашето работење, имајќи ги во предвид нашите долгорочни стратешки приоритети.
–Какви мерки и политики за поддршка од страна на Владата и државните институции би помогнале во овој период за полесно да се надмине претстојната економска и енергетска криза?
Борозанов: Сите чинители, вклучително и Владата, политичките партии, синдикатите и другите државни институции мора да покажат лидерство и консензус за приоритетите. Ситуацијата бара сите да бидат одлучни и да ги концентрираат ограничените ресурси за максимален ефект. Сите треба да бидеме обединети да ги поддржиме најранливите сегменти од нашето општество со соодветни мерки според нашите можности.
Но, во исто време, да ја искористиме кризата за решавање и елиминирање на структурните пречки за нашата стабилност и иден раст. Нема простор за „бирократија“, прекумерно пазарно регулирање, посебни интереси, непродуктивни субвенции или неефикасна прераспределба… Бизнисите ќе се прилагодат и ќе продолжат да создаваат вредност за сите засегнати страни доколку регулативите и деловната клима го дозволат тоа.
*Интервјуто е целосно објавено во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2022 која излезе на 24 октомври 2022 година.