ИНТЕРВЈУ
БОЈАН СТАНОЕВСКИ, управител на КАРГО-ПАРТНЕР Македонија
Cargo-partner е компанија која има 40 годишна експертиза за воздушен, поморски, копнен транспорт и складирање, над 3.250 вработени и своја мрежа низ Европа, Азија, Северна Америка… Со отварањето на новата канцеларија во Скопје ги надополнува постојните транспортни и логистички центри во Бугарија и Србија, обезбедувајќи силно присуство и во регионот. Со извршниот директор Бојан Станоевски разговаравме за услугите кои ги нуди Карго-партнер на македонските компании, како и за предизвиците и најдобрите решенија кои им стојат на располагање на компаниите за полесно да ги организираат транспортот, логистиката и предизвиците во управувањето со синџирите на снабдување кои ги наметна пандемијата на Ковид 19.
ИзвозМК: Со што се занимава вашата компанија? Накратко запознајте нè со услугите што ги нудите…
Станоевски: Cargo-partner е приватен инфологистички давател на услуги (провајдер) кој нуди сеопфатно портфолио на решенија за воздушен, поморски, копнен транспорт и складирање. Со речиси 40-годишна експертиза во информатичката технологија и оптимизација на синџирот на снабдување, компанијата дизајнира сопствени услуги за широк спектар на индустрии за да создаде конкурентни придобивки за своите клиенти ширум светот.
Она што е, исто така, важно да се спомене е дека во 2020 година, за прв пат, Cargo-partner оствари обрт од над една милијарда евра и во моментов вработува 3.250 луѓе ширум светот. Со отворање нова канцеларија КАРГО-ПАРТНЕР ЛОГИСТИКС ДООЕЛ во Скопје од февруари 2021 година, ние ги надополнуваме постоечките патни транспортни и логистички центри на компанијата во Бугарија и Србија.
ИзвозМК: Мораме да го споменеме коронавирусот и сè што нè оптоваруваше во минатото. Како сето ова влијаеше врз логистиката и трошоците за превоз?
Станоевски: Почетокот на короната доведе до економски пад, првенствено во Кина, кој во последно време го погоди целиот свет − делумно поради затворање на цели синџири на производство во одредени делови на Кина и делумно поради намалување на производството во земјите што увезуваат суровини. Од друга, страна, многу поморски превозници ја намалија динамиката на поаѓања поради намалениот капацитет. Имаше огромен дисбаланс на извоз и увоз, што во пракса значеше дека контејнерите не се враќаа во Кина, бидејќи извозот во многу земји беше со намален капацитет. Потоа, кога ситуацијата малку се стабилизира на крајот на годината, по продолжувањето на производството, нерамнотежата во опремата стана екстремно поголема, бидејќи многу празни контејнери чекаа во европските пристаништа, додека од друга страна кинеските пристаништа едноставно беа соочени со недостиг на празна опрема.
Од овие причини, како и поради прекинот направен за кинеската Нова година, која се слави во февруари, превозот на стока по морски пат, како економски најисплатлива опција, практично беше пребукиран до март оваа година. Затоа од клучно значење беше да се планира внимателно и долгорочно.
Паралелно со предизвиците во превозот со контејнери, патничките летови беа откажани, што предизвика огромно нарушување во воздушниот транспорт на стоки, а патниот превоз, исто така, претрпе последици поради потешкотиите при поминување на граничните премини, недостигот на возачи и воопшто потешкотиите поради пандемијата.
Недостигот на контејнери за стока драстично ги зголеми трошоците за превоз од Кина. Сега можеме да кажеме дека цените на транспортот со контејнери се зголеми за 7 − 8 пати во споредба со февруари минатата година и истите сè уште се многу нестабилни и растат. Иако пред само неколку месеци беше предвидено дека тие би можеле да се вратат како во периодот пред почетокот на пандемијата, бродските превозници, сепак, ги држат на историскиот максимум. Товарот, на крајот од синџирот, се разбира, го сносат потрошувачите.
Ако ја сумираме комплетната ситуација, индустријата за транспорт на контејнери веќе е ставена под силен притисок од ковид-пандемијата.
Покрај тоа, затворањето на клучните терминали во Кина дополнително ја влоши и онака екстремно напнатата ситуација, што, секако, ќе резултира со нови, значителни доцнења и услови за зголемување на цените.
ИзвозМК: Како да се избере најдобриот организатор на транспорт за да помогне во деловниот успех и кои решенија можете да ги понудите на пазарот?
Станоевски: Поморската товарна индустрија во моментов е доста динамична и сложена. Треба да бидете сигурни дека сте опкружени со вистинските луѓе кои се одговорни за транспортот на вашиот товар. Различните организатори на транспорт функционираат поинаку, па затоа мора да се донесе вистинската одлука и секогаш е најдобро да ги отстраните сите ваши сомнежи поврзани со нивната услуга, мрежа, организација и локации, односно дека тие можат да ве поддржат со транспортни и логистички услуги.
Мотото на нашата компанија е „we take it personally“ и живееме според овие зборови, се заземаме лично. Даваме сè од себе за да ги задоволиме нашите клиенти во секоја ситуација. Ние сме во постојан контакт со нашите канцеларии и агенти низ целиот свет и се стремиме да обезбедиме најадекватно решение во секое време. Иако постојат некои работи на кои едноставно не можеме да влијаеме, за да создадеме флексибилни решенија правиме чекор повеќе, бидејќи сме свесни дека на многу компании навистина им се потребни.
Со оглед на тоа што стоката пристигнува со брод од далечни дестинации и дека ова е дефинитивно најисплатливиот начин на транспорт, кога ќе се случи вакво нешто, додека не се стабилизира ситуацијата, едноставно треба да се размисли за резервите и да се испланира на време, барем неколку недели однапред. Бидејќи имаме децениско искуство во организацијата на транспортот, како и безброј партнери низ целиот свет, веднаш се прилагодуваме на непредвидените ситуации. Ова значи дека сме многу флексибилни и дека секогаш се трудиме да го најдеме најповолното решение за нашите клиенти.
Во оваа ситуација, покрај долгорочното планирање, советуваме и железнички товарен транспорт, што е нормално двојно побрз во однос на времето на транзит во споредба со морскиот, а сепак многу поповолен во однос на авионскиот транспорт. Речиси една деценија Cargo–partner нуди услуги за железнички транспорт преку Ајрон Силк роуд (Iron Silk road). Ние обезбедуваме бројни врски меѓу најважните железнички транспортни центри во Кина и Европа и за пратки: ФЦЛ − товар за полн контејнер (FCL), како и за ЛЦЛ − товар помалку од еден контејнер (LCL).
Имаме и редовна авионска чартер програма од Кина до европските центри што ни овозможува навистина брза реакција за сите оние стоки што не можат да чекаат и чиј превоз мора итно да се организира. Ние нудиме неделни летови од Хонг Конг до Будимпешта, како и до Франкфурт и Џенгџоу и обратно. Нашата услуга „од врата до врата“ вклучува царинење, складирање и услуги со додадена вредност, како и преземање и достава организирана преку нашата високоразвиена мрежа на складишта и превозници низ цела Европа и Азија.
ИзвозМК: Во услови на голема неизвесност како неминовност се наметнува следењето на товарот. Дали и каква можност за следење на товарот нуди Карго-партнер?
Станоевски: Во овие денови, без разлика од каде ја правите вашата нарачка, пакет или ФЦЛ (FCL), постои можност да ја следите вашата пратка. Истото важи и за целата транспортна индустрија. Со зголемување на бројот на логистички компании кои организираат транспорт кои се дигитализираат, со пристап до нивните платформи, Карго-партнер користи сеопфатна платформа СПОТ (SPOT) за управување со синџирот за снабдување, нудејќи решенија за следење на специфични пратки 24/7, што е неопходно за поддршка на растечката побарувачка на стоки и зацврстување на нашата тенденција за развој, како и наше позиционирање во блиска иднина меѓу врвните глобални авиопревозни компании во нашата индустрија.
Со услугата за следење можете подобро да ги испланирате вашите логистички потреби, а исто така и да добиете насоки за алтернативен план доколку работите тргнат непосакувано. Оваа услуга Ви дава спокој и гарантира дека ќе имате редовни информации кога ќе се претставите пред вашите крајни клиенти долж синџирот на снабдување и ќе ја исполните обврската. Користејќи го нашиот систем за следење СПОТ (SPOT), автоматски ќе бидете известени за какви било промени, со ажурирање на статусот штом тоа се случи.
ИзвозМК: Колку брзо клиентите можат да добијат понуда?
Станоевски: Цените, особено во овој период, се многу флуктуирачки и варираат во зависност од многу фактори, вклучувајќи го датумот на испловување, превозникот, обемот на стока итн.
Во принцип, колку порано добиете понуда толку поскоро можете да направите пресметки и да започнете со планирање на транспортот на пратката за да ги осигурате роковите за исполнување. Нашиот тим дава постојана поддршка за потребите на клиентите и проактивно помага во подготовката на најдобрата/најсоодветната понуда зависно од потребите, буџетот, видот на товарот итн.
Ние во Карго-партнер нудиме три нивоа на услуга согласно брзината за да обезбедиме флексибилни, соодветно адаптирани пакети на услуги. Покрај нашите ECONOMY услуги, ние нудиме PRIORITY решенија, прилагодени согласно барањата на нашите клиенти поврзани со трошоците и брзината на испорака, како и 24/7 EMERGENCY услуги со итни реакции и најбрзо време на транспорт. Нашите EMERGENCY служби,кои работатпосветено низ целиот свет, обезбедуваат деноноќна поддршка кога секоја секунда е важна.
ИзвозМК: Сведоци сме дека навиките за купување се сменија, продажбата преку интернет нагло порасна. Каква е ситуацијата со дистрибуцијата и складирањето во оваа нова променета реалност?
Станоевски: Заедно со развојот на е-трговијата беше важно да се обрне внимание на сите логистички процеси во „позадина“, бидејќи добро воспоставениот систем за складирање и дистрибуција е клучен за развојот на услугите за онлајн купување.
Современите ИТ-решенија, како и нашата СПОТ-платформа за управување со синџирот на снабдување, овозможуваат континуирана оптимизација на логистичките процеси за да се постигне многу висок квалитет при процесирање на податоците и да се рационализира комуникацијата меѓу сите страни во синџирот на снабдување. Овие решенија им помагаат на компаниите тековно да ги следат стоките за време на транспортот, да пристапат до царинската документација и да направат налог за пратката која е оцаринета за да се испорача или испроцесира понатаму. Тие, исто така, дозволуваат оние кои вршат големопродажба да се поврзат со нивниот B2B-портал или трговецот да се поврзе со нивната е-продавница за да го следат статусот на залихите во складиштето во реално време, како и дека салдото автоматски се синхронизира со статусот на страницата.
Со модулот пакет (parcel) на нашата платформа СПОТ (SPOT), продавачите преку интернет може да ги споредат цените на сите достапни пакети со едноставен преглед и да испраќаат нарачки директно од СПОТ (SPOT). Фактурите, етикетите за испраќање и враќање, исто така, може да се печатат директно од системот. Покрај тоа, можеме да ја поврземе онлајн продавницата на нашите клиенти со СПОТ-пакет (SPOT parcel), користејќи ЕДИ (EDI) или АПИ (API) врски со цел да ги автоматизираме процесите и да заштедиме драгоцено време.
ИзвозМК: Колку е важно доброто планирање на залихите и денес и пред новата ситуација?
Станоевски: Во денешно време клиентите сакаат да ја добијат својата стока веднаш или за многу кратко време. Тие ќе најдат друг добавувач доколку не сме подготвени да бидеме во чекор со промените и барањата. Предизвиците во транспортот, во глобални размери, беа само прилагодени и беше поважно од кога било внимателно да се планираат залихите на стоки. Планирањето на транспортот, од едниот до другиот крај на светот, веќе не е толку едноставно и многу компании се доведени во ситуација да немаат суровини, сезонскиот асортиман да пристигнува доцна или да не можат да ги испочитуваат нивните добавувачи, поради непредвидени околности во неколку последователни месеци.
Ова е причината зошто покрај транспортот, складирањето и дистрибуцијата, ние, исто така, ги поддржуваме со еден чекор однапред нашите клиенти во синџирот на снабдување. Со нашата услуга за управување со нарачки − ПОМ (Purchase Order Management − POM) помагаме да се осигура навремено и целосно пристигнување на пратките, без разлика какви транспортни услуги се вклучени. Врз основа на барањата на клиентот, нашата услугаПОМ (POM) ги опфаќа сите области на нарачка и управување со добавувачи: од комуникација со добавувачи до ефикасна консолидација на транспортот, проверки на количината и квалитетот, како и управување со податоци и документи. Карго-партнер го презема целото следење со добавувачите за да обезбеди дека се исполнети договорените рокови за испорака и нарачаните количини.
ИзвозМК: Што е потребно за компаниите да управуваат со модерните синџири на снабдување во иднина? Кои чекори треба да ги преземат? Во кои насоки треба да се движат?
Од наша гледна точка, како логистички давател на услуги (провајдер), најважно е да понудиме end-to-end решенија и да бидеме длабоко интегриран дел од синџирите на снабдување на нашите клиенти. Секој може да превезува стока од точка А до точка Б. Вистинскиот предизвик и дополнителната вредност започнува надвор од тоа. Затоа ние се стремиме да развиеме долгорочни партнерства со нашите клиенти и да ги разбереме потребите на нивниот бизнис за да понудиме персонализирани решенија. Ова вклучува специјализирана индустриска експертиза и сеопфатно управување со синџирот на снабдување, вклучувајќи ги и потребните ИТ-алатки и системи.
За нашите клиенти предноста е јасна − со отстапување на нивните логистички процеси на експерт, тие имаат корист од едношалтерско решение со флексибилен пристап до распространета мрежа и разновидни услуги. Тие можат да го намалат сопствениот административен напор и да се потпрат на нивниот логистички партнер за да обезбедат ефикасни процеси, што, исто така, значи и долгорочна заштеда на трошоци.
ИзвозМК: Како ќе продолжи да функционира вашата индустрија во иднина и кои се плановите на Вашата компанија?
Како и секогаш, интензивно го следиме развојот на ситуацијата и се обидуваме навремено да се прилагодиме на трендовите на пазарот, но сме многу внимателни кога станува збор за давање долгорочни прогнози. Очигледно е дека нашите клиенти од одредени индустрии може да се соочат со катастрофални последици ако оваа пандемиска состојба продолжи многу подолго, што, исто така, би имало негативно влијание врз нашиот бизнис. Како Карго-партнер ние сме подготвени за секој предизвик и даваме сè од себе за да останеме чекор понапред. Ние се стремиме да бидеме иновативни во обезбедувањето низа алтернативни опции за транспорт и да се развиваме заедно со нашите клиенти, во оние области каде што сме им потребни. Како дел од глобалната Карго-партнер групација, ние сме флексибилни и секогаш достапни за какви било прашања и информации, како и да одговориме на сите барања на клиентите на најадекватен начин.