„Брако“ е сертифицирана компанија што веќе втора учебна година по ред спроведува дуално стручно образование според стандардите на Асоцијацијата на германските комори за индустрија и трговија (DIHK).
Компанијата ги пренесува практичните знаења и вештини во создавањето на идни квалификувани кадри од областа на современото машинство.
На овој начин, по завршувањето на средното образование, се отвора можност овие кадри да бидат вработени и директно вклучени во производствени технолошки процеси од чија што област стекнале не само теоретски туку и практични вештини.
Како општествено одговорна компанија „Брако“ цени дека тоа би била „вин – вин“ ситуација од која сите би имале краткорочна и долгорочна полза.
Имено, на работните места би доаѓале млади луѓе кои се веќе со стекнати практични вештини и на тој начин младите би биле мотивирани да ја градат својата кариера и понатамошниот живот тука и би се намалил опасниот тренд на иселување на младите.
За време на практичната настава, учениците не само што одблизу ги запознаваат работните процеси и задачи, тие посетуваат и курсеви за безбедност при работа, се запознаваат со процедурите и начинот на работа во компанијата. Содржините се предвидени со наставни програми, а за тоа се задолжени и сертифицирани ментори. Теоретскиот дел се реализира во Средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес: „Теорија во училиште, пракса во фабрика“. За исклучителниот придонес во развојот на воспитно – образовната дејност, училиштето додели и Благодарница на „Брако“ со очекување дека оваа стручна наобразба со комбинирање на теоријата и праксата, ќе продолжи и понатаму.
Конкретните чекори за старт на овој проект ги презема Делегацијата на германското стопанство, развивајќи две квалификации:
„Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“. Квалификацијата од машинската струка, „Техничар за производно машинство“ е воведена во учебната 2019/2020 година, интегрирајќи знаења од областа современото машинство и информатика.
На 1-ви септември минатата година, е започната четвртата генерација на ученици во нашата држава во рамките на дуалното – стручно образование.