Тековната криза во Црвеното Море значително влијае на бродските линии и нивните трошоци. Maersk објави дека подготвува серија доплати за покривање на зголемувањето од 40% на трошоците за гориво. Контејнерските превозници исто така се справуваат со недостиг на контејнери на пазарот од околу 20%.

Речиси шест месеци, јеменските Хути ги нарушуваат глобалните синџири на снабдување. Во декември 2023 година, тие почнаа да пукаат врз бродови упатени кон Израел или управувани од израелски компании за да покажат солидарност со палестинското население во Појасот Газа. Јемен го контролира теснецот Баб ал-Мандаб, кој служи како порта кон Црвеното Море и води до Суецкиот канал.

Околу 12% од глобалната трговија и 20% од глобалниот контејнерски сообраќај поминува низ Суецкиот канал.
Поради нападите, многу големи бродски компании го прекинаа патувањето низ каналот, пренасочувајќи ги бродовите од Азија кон Европа околу Ртот Добра надеж, што додава околу 10 дена на патувањето.
Овој подолг пат значи повисоки трошоци за превозните линии. Заобиколувањето околу Африка ги зголемува трошоците за гориво за 40%, според Maersk.
Нападите пролжуваат веќе шест месеци , што ги натера бродарите да продолжат со подолгите рути.
Според проценките, сообраќајот низ Суецкиот канал е намален за 80% на годишно ниво поради кризата во Црвеното Море.

Зголемување на цените

Кризата во Црвеното Море доведе до нагло зголемување на цените за контејнерски транспрт, кои се намалуваа во текот на 2022 и 2023 година по рекордниот скок за време на пандемијата. Минатата есен, цените беа приближно на нивоата пред Ковид. На 1 декември 2023 година, индексот Baltic Freightos за рутата Азија-Северна Европа беше 1.243 долари.
До втората недела од 2024 година, тој се искачи на 4.391 долари, а моментално изнесува приближно 3.550 долари – речиси три пати повисок отколку пред кризата.
Цените на медитеранските пристаништа исто така се зголемија од 1.670 долари на почетокот на декември на 5.168 долари на почетокот на јануари. Индексот моментално е на 4.445 долари.

Недостигот на контејнери продолжува

Бидејќи кризата во Црвеното Море продолжува, Maersk прогнозира дека транспортниот капацитет меѓу Азија и Европа ќе се намали за 15-20% во вториот квартал од оваа година.
Проблемите во Црвеното Море создадоа домино ефект на алтернативната рута кон Европа. Бродовите мора да застанат на африканските пристаништа за да го надополнуваат се поскапото гориво, предизвикувајќи метеж кога се приклучуваат повеќе бродови во исто време.

Подолгите патувања и застојот на пристаништата значат дека контејнерите не се враќаат толку брзо во азиските пристаништа, што резултира со недостиг. Maersk изнајми дополнителни 125.000 контејнери и изјави: „Правиме се што можеме за да ја зголемиме доверливоста, да го забрзаме времето на патување и да додадеме дополнителен капацитет“.

Доплати за зголемени трошоци

Клиентите на Maersk може да очекуваат дополнителни доплати за покривање на зголемените трошоци поврзани со подолги рути, поголеми брзини на патување и повисоки цени на горивото. „Моментално користиме 40% повеќе гориво по патување, а чартер цените се тројно зголемени, изјави Маерск.

Ова не е добра вест за увозниците, кои веќе забележаа зголемување на цените во последниве недели.
Дополнителната доплата ќе ги погоди и европските увозници.
CMA CGM објави дека, од 17 мај, ќе спроведе доплата за празно репозиционирање (безбедносна такса за покривање на загубите поради недостиг на контејнери). Доплатата ќе биде 150 евра за контејнер од 20 стапки и 200 евра за контејнер од 40 стапки.

Maersk очекува дека кризата во Црвеното Море ќе продолжи барем до втората половина од годината, можеби и до крајот на 2024 година.

Извор: Transinfo