Секое влошување на политичките односи меѓу било кои две држави кај бизнисмените создава причина за стравување за можни нарушувања во економските и трговските односи.
Минатото потврдува дека на Балканот ова е непишано правило. Односно секој политички конфликт речиси секогаш резултира со воведување на царини, ембарга, нецарински бариери…
Блокадата со која Бугарија ги попречи македонските европски интеграции има тежина да преране во политички конфликт кој има потенцијал да ги наруши и економската и трговската соработка меѓу двете земји.
Последните статистичките податоци покажуваат дека Бугарија е шести по големина трговски партнер на Македонија, со која во првите десет месеци годинава сме имале вкупна трговска размена од околу 482 милиони евра, со трговски дефицит на македонска страна од 37 милиони евра. Трговската размена со Бугарија годинава бележи пад од 10,3% или годинава е помала за 55 милиони евра во споредба со истиот период лани.

Кога станува збор за извозот, Бугарија е втор најголем извозен пазар за македонските компании, после Германија.  Во периодот јануари-октомври на бугарскиот пазар се извезени производи вредност од 222 милиони евра, што е за 16,9% или 45 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани.

На страната на увозот, Бугарија е осми по големина пазар, оа каде во првите десет месеци се увезени производи во вредност од 260 милиони евра, што е намалување од 3,8% во споредба со истиот период лани.

Што најмногу  извезуваме и увезуваме од Бугарија?

Според најновите достапни податоци од Државниот завод за статистика во првите девет месеци годинава во Бугарија најголем дел од извозот или 86 милиони евра од вкуниот извоз од 222 милиони евра отпаѓа на руди на олово, бакар и цинк. Најголем дел или 37 милиони евра се извоз на руди на олово,л 27 милиони евра се руди на бакар и 19,8 милиони евра се руди на цинк.
Втора најголема извозна ставка е извозот на железо и челик чија вредност изнесувала 15,4 милиони евра во првите девет месеци годинава, од кои најголем дел отпаѓа на топло валани плоснати производи и железни профили.
Извозот на пластични маси и производи, поточно пластични цевки и црева е тре најголем извоз со вредност од 15,2 милиони евра.
Околу 9,8 милиони изнесувал извозот на електрична енергија. Следи извозот на облека во вредност од 9,18 милиони евра, извозот на тутун во вредност од 8,1 милион евра, извозот на електрични машини и опрема во вреднот од 6,3 милиони евра, производи од железо и челик во вредност од 5,3 милиони евра и остатоци од бакар во вредност од 4 милиони евра.
Извозот на зеленчук во првите девет месеци годинава изнесувал 2,7 милиони евра, извозот на овошје 1,87 милиони евра, од кои најголем дел отпаѓа на извозот на јаболка 1,63 милиони евра.
Во првите девет месеци годинава во Бугарија било извезено и вино во вредност од 1,7 милиони евра, производи од какао во вредност од 900 илјади евра, лекови во вредност од околу 400 илјади евра

На страната на увозот најголема ставка во вредност од околу 68 милиони евра во првите девет месеци годинава отпаѓа на увозот на енергенси и нафтени деривати. При тоа, увозот на електрична енергија изнесувал 39 милиони евра, увозот на нафтени деривати 25 милиони евра и увозот на гас во вредност од 3,4 милиони евра.
Втора најголема увозна ставка од Бугарија во вредност од 26 милиони евра е увозот на железо и челик, поточно остатоци од железо и челик кои се претопуваат во македонските капацитети.
Трета најголем увоз се прави со увозот на масла од сончоглед во вреднсот од 12 милиони евра, понатаму околу 12 милиони евра во овој период изнесувал увозот на пластични маси и производи.
Увозот на дрво и производи од дрво изнесувал 9,8 милиони евра, следи увозот на видео игри и конзоли во вредност од 6,7 милиони евра, околу 6,5 милиони евра инесува увозот на производи и железо и челик и околу 6 милиони евра е увозот на цемент.

И во текот на изминатата 2019 година Бугарија била втор најголем извозен пазар каде биле извезени производи во вредност од 313 милиони евра или 4,9% од вкупниот извоз на државата.