Велика Британија и Европската Унија го склучија историскиот трговски договор со кој се уредува периодот после Брегзит, само седум дена пред Британија да излезе од еден од најголемите светски трговски блокови, објавува Ројтерс.

Договорот, за кој се преговара повеќе од четири години откако Велика Британија на референдум гласаше за напуштање на блокот, значи дека е спречено хаотичната разврска која се закануваше да го разниша 70-годишниот проект за создавање европско единство од урнатините на Втората светска војна.

Со Договорот Велика Британија ќе ги зачува пристапот со единствениот пазар на европскиот блок од 450 милиони потрошувачи без царини и квоти.

Многу аспекти на идните односи на Велика Британија со ЕУ остануваат да бидат обликувани веројатно со години.
„Тоа беше долг и крив пат“, им рече на новинарите претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. „Но, имаме добра понуда. Договорот е фер, избалансиран, и е исправна и одговорна работа што треба да се направи за обете страни “.

Британскиот премиер Борис Џонсон објави на Твитер своја слика во Даунинг стрит, кревајќи ги двата палца опд рацете со изјава: „Ја вративме контролата над нашата судбина“, рече тој пред новинарите. „Луѓето рекоа дека е невозможно, но ние ја вративме контролата“.

„Ние ќе бидеме независна крајбрежна држава“, рече тој. „Ќe можеме да одлучиме како и каде да стимулираме нови работни места“.
Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но оттогаш беше во преоден рок според кој правилата за трговија, патувања и деловни активности останаа непроменети до крајот на оваа година.

Џамбо договор

Џонсон го опиша договорот склучен во последен момент како „џамбо“ договор за слободна трговија по линијата на склучениот договор помеѓу Европската унија и Канада и ја повика Велика Британија да ги надмијне поделбите предизвикани од референдумот за Брегзит во 2016 година.
Договорот исто така ќе го поддржи мирот во Северна Ирска – приоритет за новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден.

Трговскиот договор нема да ги опфаќа услугите, кои сочинуваат 80% од британската економија, вклучително и банкарската индустрија, која го позиционира Лондон како светски финансиски центар зад Њујорк.
Пристапот до пазарот на ЕУ за банките со седиште во Велика Британија, осигурителни компании и менаџери на средства во најдобар случај нема да биде лесен.