Велика Британија го обезбеди својот прв голем трговски договор по Брегзитот со Јапонија, кој се оценува како „историски“.
Откако официјално ја напушти ЕУ во јануари, Велика Британија се фокусираше на преговори за нови трговски зделки со земјите ширум светот, иако експертите велат дека тие најверојатно нема да го заменат извозот изгубен во ЕУ, ако властите не успеат да постигнат договор со Брисел.
„Ова е историски момент за Велика Британија и Јапонија како наш најголем трговски договор по Брегзит“, рече британската министерка за трговија Лиз Трус.
„Договорот кој го преговаравме во рекордно време и во предизвикувачки околности, го надминува постојниот договор со ЕУ, бидејќи обезбедува нови победи за британските бизниси во нашата голема индустрија за производство, храна и пијалоци“.
Договорот нашироко се сметаше за еден од најлесните на дофат на Лондон, главно заснован на договорот ЕУ-Јапонија, кој ја покрива Британија до крајот на декември, кога завршува преодниот рок за Брегзит.
Другите преговори, особено со САД, напредуваа побавно.
Јапонскиот министер за надворешни работи, Тошимитсу Мотеги, рече дека разговорите биле тешки, но успеале “да постигнат принципиелен договор со извонредна брзина, за само три месеци“.
Јапонија има за цел договорот – кој ќе им помогне на јапонските производители на опрема за возови и компоненти на автомобили – да стапи на сила од 1 јануари.
Јапонија ја користеше Британија како бизнис порта кон остатокот од ЕУ, но некои јапонски политичари изразија загриженост дека таканаречениот Брегзит без договор може да влијае на тоа.
За Велика Британија договорот значи дека 99% од нејзиниот извоз во Јапонија ќе биде без царини, што може да ја зголеми трговијата за 15,2 милијарди фунти (19,4 милијарди долари) на долг рок, во споредба со 2018 година.
Вкупната трговија меѓу Велика Британија и Јапонија изнесува околу 29,5 милијарди фунти во 2018 година, што е далеку помалку од трговијата од скоро 700 милијарди фунти извоз и увоз меѓу Велика Британија и ЕУ.
Договорот ги отстранува царините за јапонските автомобили во фази на нула во 2026 година, што е исто како и во трговскиот договор Јапонија-ЕУ.
Британските бизнис групи го поздравија договорот, но ја подвлекоа потребата од трговски договор со ЕУ.
„Се надеваме дека духот и на амбицијата и на компромисот ќе помогнат во понатамошните договори за континуитет, како што се со Турција и Канада, како и договорот со ЕУ, што е од најголема важност“, рече Али Ренисон, од британскиот Институт за директори.
Извор: Reuters