Ангеловска: Погодените компании се ослободуваат од аконтативното плаќање на данокот на добивка во следните три месеци

Целиот свет е исправен пред голем и глобален предизвик. Сите се погодени, но секоја земја согласно своите можности се справува со предизвиците Ние сме мала земја и оваа непогода треба да ја сфатиме сериозни и да делуваме внимателно, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.

Според нејзе, серизноста е уште поголема заради тоа што нема предвидлива траекторија како ќе се развива ситуацијата и заради тоа тимот во Министерството за финансии ги разгледува сите можни сценарија и влијаниете врз буџетот.

Ангеловска посочува дека Буџетот во моментот е стабилен, но тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени многу брзо.

“Фискалниот простор кој го имаме е ограничен и треба многу внимателно и претпазливо да управуваме со истиот. Но, она што е најважно е здравјето на луѓето, па во таа насока сакам да истакнам дека буџетот за здравство е така поставен да може успешн да одговори на здравствената криза”, истакна Ангеловска.

Сите мерки, вклучително и бескаматните кредити и субвенциите за придонесите за вработени, се во насока на заштита на ликвидноста и работните места, потенцира Ангеловска, додавајќи дека каматите на кредитите и трошоците за администрирање на кредитите ќе бидат субвенционирани со буџетски средства од страна ма Министерството за финансии.

Уште една дополнителна мерка е ослободување на аконтациите  од данокот на добивка за следните три месеци април, мај и јуни.

“На компаниите кои се погодени од корона вирусот и од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот ќе им биде овозможено да не ги плаќаат аконтациите за данокот на добивка во следните три месеци. Услов е да не исплатиле дивиденда во 2020 година, да не исплатиле бонуси или годишни награди и да не го намалат бројот на вработени”, објаснува на Ангеловска.

Дел од барањата на коморите беа и намалување на каматите и некои парафискални давачки, посочува Ангеловска.

“Во таа насока затезната каматна стапка ќе биде намалена за 50% во согласност со Министерството за правда, односно од 10% на 5% за плаќања правни кон правни лица, односно од 8% на 4% ако се работи за правни и физички лица, а како основ ќе се земе референтната каматна стапка од претходниот месец, а не од последното полугодие како што досега стоеше во Законот. Понатаму, Министертвото за финансии ќе ја намали казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0, 015%”, вели Ангеловска

Дополнително Министерството за финансии и Управата за јавни приходи ќе им дадат препораки на провајдерите кои наплаќаат одреден износ за одржување на фискалните каси да го намалат истиот за 50%.

Пропорака ќе биде дадена и на банките да ги намалат цените за плаќање на финансиските извештаи и за прометотт на сметските на фирмите.

Ангеловска напоменува дека ова е интервентниот сет мерки на краток рок, но дека ќе продолжат будно да ја следат ситуацијата и да подготвуваат стратешки мерки за фирмите во фазата на опоравување.

“Во постојан контакт сме со меѓународните финансиски институции и во поглед на следење на состојбите и во поглед на фондовите кои тие ги имаат за поддршка и финансирање на земјите погодени од корона вирусот”, додава таа посочувајќи дека во овој предизвик сме сите заедно и од секој еден од нас зависи колку брзо ќе излеземе.

“Сега е време да го дадеме најдоброто од себе, бидејќи се што правиме влијае на сите нас, на нашите најблиски… Им се заблагодарувам на сите компании кои се понудија со помош. Имаше ИТ компании кои се понудија да остатпат кол центри за потребите на Министерството за здравство, хотели кои ги понудија капацитетите за карантини….Ова е таа солидарност за која зборуваме и која се зголемува во тешките моменти. Хероите се познаваат во тешките моменти”, посочи таа.

“Ако државата излегува и со одложување на даноците им помага на оние компании кои имаат проблем, ги повикувам оние компании кои ќе имаат раст на добивките да и помогнат на државата и на сите нас со предвремено плаќање на своите давачки”, порачува Ангеловска.

Ангеловска потенцира дека сите мораме да се однесуваме одговорно и да водиме со примери. Во таа насока Ангеловска изјави дека се откажува од својата плата додека траат кризните мерки на Владата.
“Ова е само еден мал гест. Но, верувам дека ако сите преземеме мали чекори, можеме да придонесеме кон поголеми промени. Време е за солидарност и човечност”, изјави Ангеловска.