Според податоците на Светската банка, балканските земји губат една милијарда американски долари годишно заради чекање на граничните премини. Транспортните средства, а посебно камионите, 80% од своето време го поминуваат во чекање на границите, а само 20% на автопатите.

Долгите процедури и време на чекање на камионите на граничните премини ги зголемуваат трошоците и ја намалуваат конкурентноста на учесниците во меѓународната трговска размена, на транспортерите, увозниците, извозниците, корисниците на транспортни услуги и др.

Пандемијата на корона вирусот само ги потенцираше овие проблеми, но и ја истакна потребата од итно подобрување на состојбите на ова поле, во насока на забрзување на протокот на камионите преку граничните премини, надминување на бариерите и олеснување на протокот на стоки преку поедноставување на царинските и гранични процедури и формалности.

Во време кога компаниите се соочуваат со намалени приходи, олеснувањето и забрзувањето на протокот на стоките преку граничните премини ќе ги намали трошоците на македонските компании и ќе ја зголеми нивната конкурентност, бидејќи транспортните трошоци претставуваат значителен фактор во формирањето на цените на чинење на производите.

Големо олеснување во прекуграничната трговија во пандемијата беше воведувањето на т.н. зелени коридори, кои беа воведени, во координација со ЦЕФТА,  како одговор на потребата од брз пренос на стокови пратки за што поуспешно справување со КОВИД-19 пандемијата.

Од македонската Царинска управа, која е претседател со ЦЕФТА Поткомитетот за царина и потекло на стоки, велат дека врз основа на позитивните искуства и остварените очекувања, не само на царинските служби, туку и на сите чинители вклучени во меѓународната трговија, земјите од Цефта се на став дека воведените и функционални зелени коридори треба да останат во функција и во иднина, до завршувањето на пандемијата. На последниот состанок на почетокот на јули беше заклучено е дека зелените коридори треба да се применуваат и потоа и за други видови стоки на овластените економски оператори и за расипливи стоки.

Уште една постапка која треба да го олесни протокот на стока, да се забрзаат царинските постапки и да се намалат трошоците на компаниите е меѓународно признавање на сертификатот за Овластен економски оператор – ОЕО на ниво на ЦЕФТА. Засега само Македонија и Србија изразуваат подготвеност да се спроведе оваа иницијатива.

Стопанската комора, пак, во рамки на досегашните нивни анализи врз основа на укажувањата на компаниите, како најпроблематични ги посочува следниве прашања: вниманието беше насочено кон неколку прашања како:

-Просечното време на техничка обработка на документи и ослободување на возило при излез од нашата држава на Царинска испостава и контролата од страна на МВР,

Просечното време на чекање на камионите на Царински терминал во услови на транзитна постапка, како и во услови на внатрешна транзитна постапка со цел завршување на царинската постапка со царинење во царинарница во внатрешноста на државата,

-Во услови кога царинската постапка завршува со царинење во царинскиот терминал на граничен премин, просечното време на чекање зависи од видот на стоката и е условен од времетраењето на фитосанитарната и ветеринарната контрола. Колку време трае царинската постапка доколку стоката не подлежи на фитосанитарна и ветеринарна контрола,

-Колку време трае царинската постапка ако станува збор за стока која подлежи на фитосанитарна контрола,

-Колку време трае царинската постапка во случај на ветеринарна контрола и сл.