Во првите пет месеци годинава банките одобриле 103,6 милиони евра нови кредити на компаниите и домаќинствата. Податоците на Народната банка покажуваат дека во првите пет месеци банките одобриле 39,5 милиони евра кредити на компаниите, додека кредитите кои им се одобрени на домаќинствата изнесуваат 65 милиони евра.
Поголемите кредити одобрени за домаќинствата во споредба со кредитирањето на компаниите е само продолжение на трендот во кој банките кои работат во земјава повеќе се расположени да ја кредитираат потрошувачката на граѓаните отколку компаниите.
Тоа го покажуваат и податоците од Народната банка според кои од септември минатата годинава вкупните кредити одобрени на домаќинствата ги надминаа кредитите одобрени на корпоративниот сектор и тоа продолжува како изминатите седум месеци .
Па така заклучно со мај годинава, вкупното портфолио на кредити одобрени од банките на домаќинствата изнесува 2,86 милијарди евра, додека вкупните кредити на компаниите изнесуваат 2,77 милијарди евра.
Главната причина за тоа што банките се порасположени да ги кредитираат граѓаните е што кај нив им е посигурна и помалку ризична наплата на кредитините пласман.
Од друга страна, долготрајната економска криза низ која поминува македонската економија остави релативно малку компании кои се сигурни клиенти, додека останатите на кои навистина им се потребни кредити заради премостување на тековните плаќања или за некои нови инвестиции, обично банките ги сметаат за поризични клиенти и потешко доаѓаат до кредити.
Кризата која ја предизвика пандемијата на корона вирус која предизвика голем пад на приходите кај многу компании, само ќе ги направи приватните бизниси уште понесигурни клиенти за кредитна поддршка од банките.
Ако се гледа на годишна основа, во мај годинава вкупните кредити кои ги одобриле банките на домаќинствата и компаниите се поголеми за 5,9% во споредба со истиот месец лани. При тоа кредитирањето на компаниите е зголемено за 3,3%, додека кредитирањето на домаќинствата е зголемено за 8,9%.
Податоците покажуваат дека во првите пет месеци растат и депозитите на компаниите и домаќинствата. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор во мај се зголемени за 9,8%, додека депозитите на секторот бележат раст од 8,2%.