Акцизата се намали за 1 денар: Бензините поевтинуваат за 1,5 денар, дизелот за половина денар

Од ноќеска на полноќ горивата ќе се точат по пониска цена во просек за 1,61%, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Новата намалена цена на горивата е вкклучено и намалувањето на акцизата од 3 на 2 денари.
Малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се намалуваат за 1,50 денар за литар, со што малопродажната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 60 денари за литар, додека малопродажната цена на Еуросупер БС-98 ќе изнесува 62 денари за литар.

Малопродажните цени на Еуродизел (Д-Е v) и на екстра лесното масло за домаќинство се намалуваат за половина денар за литар и со тоа малопродажната цена на Еуродизел ќе изнесува 53 ден/лит, додека малопродажната цена на дизелот екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 52,50 ден/лит.

„Пресметките на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за периодот од 1-ви јули до 15-ти јули 2020 година на берзанските цени на нафтените деривати покажуваат дека средната дневна берзанска цена на горивото Prem Unl 10 ppm, кое служи како основа за пресметка цените на бензините, на медитеранската берза публикувана на Platt’s е повисока од 390 USD/тон. Ова значи дека согласно Уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена
на законот за акцизите за време на вонредна состојба, дополнителната акциза за безоловен бензин се намалува од 3 денари на 2 денари и истата е инкорпорирана во денешната одлука со која има намалување за 1,50 денар за литар на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС98. Дополнителните акцизи за останатите деривати, односно гасно масло како погонско гориво и гасно масло како гориво за греење, остануваат на исто ниво како и досега. Согласно одлуката дизелот и екстра лесното масло за домаќинство се намалуваат за 0,50 денари“ изјави Марко Бислимоски,
претседател на регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Малопродажната цена на мазутот М-1 се намалува за 0,370 ден/кг и од вечерва на полноќ ќе изнесува 26,215 ден/кг.

“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат намалување кај бензинот во просек за околу 0,876% или за 3,450 $/тон, кај дизелот намалување во просек за околу 0,941% или за 3,500 $/тон, кај екстра лесното масло намалување во просек за околу 1,314 % или за 4,750 $/тон и кај мазутот намалување во просек за околу 1,47% или за околу 3,900 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 54,3398 ден/$ и е за околу 0,531 % понизок од курсот на доларот (54,6300 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка”, велат од регулаторната комисија за енергетика.