Најголемата македонска прехранбена компанија, Витаминка од Прилеп, изминатата 2022 година ја заврши со раст на продажбите дома и во странство, но и со големо намалување на профитабилноста заради високите трошоци во работењето.

Објавените финансиски неконсолидирани извештаи на компанијата објавени на Македонската берза покажуваат дека Витаминка изминатата 2022 година година остварила вкупни приходи од продажба од 61,4 милиони евра, што е раст од 27% во споредба со претходната 2021 година.

Околу две третини од приходите од продажба или 67% се остварени од продажби на домашниот пазар, кои лани бележат раст од 32% и изнесувале 41,1 милиони евра.

Извозот, односно продажбите во странство учествуваат со 33% во вкупните продажби и лани бележи растод 16%, достигнувајќи 20,3 милиони евра.

Оперативните расходи на Витаминка во 2022 година се зголемени за 29% и изнесувале 63,8 милиони евра, што пред се се должи на раст на цените на репроматеријалите, растот на енергенсите и растот на стапката на инфлацијата.

Заради големиот раст на трошоците во работењето, Витаминка изминатата 2022 година ја завршила со големо намалување на оперативна добивка, која изнесувала само 60 илјади евра, што е пад од 95% во споредба со 2021 година, кога компанијата работела со оперативна добивка од 1,2 милиони евра.

Нето добивката по оданочување на Витаминка во 2022 година изнесува околу 480 илјади евра и е помала за 72% во споредба со претходната 2021 година.

Од Витаминка информираат дека во 2022 година инвестирале близу 2 милиони евра во опрема, недвижен имот, градежна реконструкција и адаптирање.

Во компанијата не се реализирале дополнителни нови вработувања, а долгорочната и краткорочната задолженост на компанијата била зголемена за 9% во споредба со 2021 година.