Компаниите со германски капитал најголем проблем имаат со корупцијата и правната несигурност, а најзадоволни се од работниците и ниските даноци

Дури 70% од испитаните компании членки на Македонско-германското здружение повторно би инвестирале во С. Македонија, додека 30% би се одлучиле за друга локација, покажуваат резултатите од Анкетата за деловна клима во С.Македонија кои на денешната прес конференција ги презентираа Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение и Ото Граф, Заменик амбасадор на Сојузна Република Германија во Северна Македонија.

Испитаните компании со најслаба оценка ги оцениле борбата против корупција и криминалот, правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, достапноста на обучена работна сила, транспарентност при јавните набавки и ефикасноста на јавната администрација.

Компаниите одговориле дека се најзадоволни од своите вработени, со највисока оценка се оценува продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените. Високо се оценети и навиките за плаќање, даночното оптоварување и трошоците на работна сила.

Војната која се води во Украина остава последици и врз стопанството, во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании дури 96,4% одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали, додека 64,3% очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46,4 % веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство. Речиси една третина од компаниите изјавиле дека очекуваат да дојде до прекин на производството и исто толку испитаници очекуваат да има пад во нарачките.

Една четвртина (25%)о очекуваат да дојде до нарушување на трговската размена, а само 14,7% очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери.

Мал е бројот на компаниите кои очекуваат до крајот на 2022 да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, само 13,8%, а 55,2% очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година.

70% од испитаниците се задоволни од состојбите во сопствената компанија и повторно би инвестирале во земјата, оваа година тоа го видовме кај повеќе компании, тие го проширија своето производство и го зголемија бројот на вработени, што претставува одличен показател, а и трговската размена бележи рекордна година, за 6 години се има двојно зголемено. Во Северна Македонија работат 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица, што игра важна улога на пазарот на трудот“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение.

Костал, Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт, ОДВ Електрик и Гересхајмер се меѓу компаниите со германски капитал кој годинава ги зголемиле своите инвестиции во Македонија.

Од компаниите кои не би ја повториле инвестицијата во Македонија, како можни локации за инвестирање ги посочиле Србија, Турција и Тунис.

Според Ото Граф, заменик-амбасадор на Германија во земјава, двете земји имаат традиционално тесна економска и трговска соработка, а податокот дека 70% од анкетираните компании повторно би инвестираале покажува дека има добра бизнис клима, но дека во интерес на сите е да се поработи на ефикасноста на јавната администрација и справување со корупцијата.

Во 2021 година стопанството се уште ги чувствуваше последиците кои ги предизвика пандемијата, но и покрај оваа состојба трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија забележаа рекордна година.

Во 2021 година од Северна Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3.474 милијарди евра, увозот од Германија 1,244 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесува 4.719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 за 907 милиони евра.