Вработените во технолошките компании во Романија уживаат бројни даночни ослободувања кои земјата ги донесе уште во 2003 година со цел да го поттикне развој на ИКТ иднустријата и да ги задржи талентираните кадри дома.
На пример за вработените во ИТ индустријата во Романија важи 0 стапка на персонален данок, мерка која е воведена за да се поттикне ИТ секторот и која според многумина дава повеќе од добри резултати.
ИТ секторот учествува со околу 6% од вкупниот Бруто домашен производ (БДП) на Романија и се проценува дека индустријата годинава ќе генерира 5,9 милијарди евра приходи, од кои 4,9 милијарди евра ќе бидат во индустријата за софтвер и услуги. Проценките се дека ИТ секторот до 2025 година ќе го зголеми учеството двојно, односно 12% во романскиот БДП.
Учеството на романскиот ИТ сектор во БДП е исто колку и учеството на земјоделието, кое го создава со десет пати помалку вработени.
Во романската ИТ индустрија во моментов се вработени над 150.000 луѓе, а просечната плата во овој сектор е над 1.560 евра месечно, далеку повисока од националниот просек во земјата од 650 евра.
Романија не е единствената. Уште три други земји во регионот, исто така, нудат големи даночни олеснувања на ИТ работниците: Белорусија, Полска и Украина и сите имаат просперитетни ИТ индустрии.
Анита Никова, директорка на Масит, комора која ги претставува ИТ компаниите во Македонија во интервју за www.izvoz.mk најави дека во пакетот даночни и други измени кои ќе ги предложат за подобрување на развојот на оваа индустрија ќе биде и воведување на нулта стапка на личен доход.
Романските власти размислуваат да ја укинат нултата стапка на данок на доход
Технолошките компании се особено загрижени деновиве бидејќи романските власти планираат да ги укинат даночните повластици кои ги уживаа веќе 17 години. По најавите за укинување на нултата стапка на данок на доход фирмите во Романија се загрижени дека оданочувањето на платите на ИТ работниците може да доведе повеќе квалификувани вработени да ја напуштат земјата, влошувајќи го и онака постојниот недостиг предизвикан како од миграцијата, така и од недостаток на ИТ дипломирани студенти од универзитетите во земјата.
Габриела Мехеа, шеф на АНИС, здружение на ИТ фирми, смета дека повлекувањето на даночните олеснувања би донело малку приходи во државниот буџет, но ќе предизвика голема штета на ИТ индустријата.
„Владата треба да се запраша дали вреди да се дестабилизира целата индустрија. Ова е индустрија на која и оди добро, иако е кревка”, вели таа.
Минатата недела романскиот премиер, Лудовиќ Орбан, најави дека е можно укинување на нултата стапка на данок на доход, заради тоа што смета дека повластените даночни стапки не се фер.
„Имаме рамна стапка на данок на добивка од 10%“. Ова не е многу висока стапка и не мислам дека ќе биде крајот на свет, ако секој мора да го плати. Мислам дека не е фер кон седум милиони други луѓе кои мораат да плаќаат данок на добивка, особено затоа што нема повеќе никаква рационална причина да се продолжи со овие даночни олеснувања“, вели Орбан.