Германската авиокомпанија Lufthansa објави дека е близу до постигнување договор со германската влада за државна помош од 9 милијарди евра, со што државата би се здобила со 20% удел во национална авиокомпанија, како дел од обидите да ја спаси авио- индустрија од ефектите од кризата.

Според договорот, германската влада ќе добие две места во надзорниот одбор на компанијата, но со право на глас само во исклучителни околности, како на пример, спречување на преземање на компанијата, пренесува Ројтерс.

Lufthansa со недели преговара со владата за државна финансиска поддршка што би и помогнало да се справи со предвидениот долгорочен пад на патувањето. Камен на сопнување во преговорите е прашањето колку контрола треба да добие државата во компанијата во замена за таа поддршка.

Извори вклучени во преговорите велат дека државниот фонд за економска стабилизација сè уште не доставил конечна понуда и дека треба да го стори тоа денес.
Lufthansa очекува условите од договорот да вклучуваат суспендирање на идните исплати на дивиденди и ограничување на платите на менаџментот, додавајќи дека пакетот мора да биде одобрен и од Европската комисија.

Програмата за поддршка вклучува заем од три милијарди евра од државната KfW и конвертибилна обврзница, со опција за нејзино продавање за дополнителни 5% државниот удел плус една акција во случај на понуда за јавно преземање од трета страна.

Германската авиокомпанија се надева дека договорот ќе биде склучен набрзина, што ќе обезбеди негова солвентност на долг рок.
Германските медиуми доцна синоќа објавија дека е постигнат договор, а канцеларката Ангела Меркел соопшти дека очекува наскоро договор за пакетот државна финансиска помош на Луфтханза, но не даде детали.