Со цел да го поттикне кредитирањето на компаниите и да ја подобри ликвидноста во приватниот сектор, Грција одвои износ од 1 милијарда евра за државниот гарантен фонд. Станува збор  за пари кои преку државната развојна банка Hellenik Development Bank ќе се користат за гаранции на кредити кои грчките компании ќе ги користат преку приватните банки.

Со државните гаранции од 1 милијарда евра се очекува банките да одобрат кредити од најмалку 3,5 милијарди евра. Во втората фаза се очекува државниот гарантен фонд да се зголеми за уште една милијарда евра, со што вкупно грчката државна банка ќе гарантира за кредити на фирмите од околу 7 милијарди евра.

Станува збор за кредити за обртен капитал за кои грчките компании ќе можат да аплицираат преку банките, со строги критериуми на одобрување, при што право да аплицираат ќе имаат сите компании без оглед дали се големи или мали и дали се погодени од кризата со пандемијата или не.

Според првичните услови е предвидено кредитите за бидат со рок на враќање на пет години со одреден грејс период, а државните гаранции ќе можат да се користат само за нови кредити, а не и за рефинансирање на стари кредити. Еден од условите е компаниите кои аплицираат да се здрави, да не работеле со загуби и редовно да ги плаќале обврските заклучно со минатата година со цел да се избегне финансирање на т.н зомби компании.

Со оглед на тоа дека грчките компании за државно гарантираните кредити поднесуваа апликации до 26 мај, првичните податоци, според грчките медиуми, покажуваат дека интересно на компаниите е голем, а уште поголема е конкуренцијата на банките да се вклучат во оваа гарантна шема.

Грција не е единствена држава која како дел од пакетот мерки за помош на економијата формира државен гарантен фонд за да го поттикне кредитирањето и да го сподели ризикот со банките. Многу други држави во регионот и низ Европа го  користат овој инструмент за даовозможат полесен пристап на компаниите до кредити.

Неодамна и министерката за финансии Нина Ангеловска објави дека за прв пат ќе се воведе државна гарантна шема и за македонските компании. За таа цел се одвоени од буџетот околу 10 милиони евра, кои преку државната Развојна банка ќе се пласираат како гаранции за кредити кои компаниите ќе ги користат од приватните банки.

Целта на ваквите гарантни шеми е да се поттикне кредитирањето на фирмите при што се споделува ризикот за кредитирање, дел од ризикот за кредитите го презема државата, а дел приватните банки кои ги одобруваат средствата за кредити.

Министерката Ангеловска објасни дека планот е преку овие гаранции да се покрива од 50% до 70%  од кредитот преку издадената гаранција, а со почетниот капитал од околу 10 милиони евра државата би можела да гарантира за над 65 милиони евра кредити за приватниот сектор.

И додека грчкиот развоен фонд се очекува да стане операбилен од јуни, македонската гарантна шема се уште се разработува и според првичните информации се очекува да почне да функционира од септември.