Дизелот од полноќ поевтинува за 3 денари, а цената на бензините останува иста. Се намалува и цената на Екстра лесното масло за домаќинство за денар и половина, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Новата цена на дизелот ќе биде 92 денари за литар, додека литар Еуросупер БС-95 и понатаму ќе се продава по цена 84,50 денари, а Еуросупер БС-98 по цена од 87 денари.
“Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,807% или за 14,750 $/тон, кај дизелот намалување е во просек за 3,978% или за 41,950 $/тон, кај екстра лесното масло намалување во просек за 2,120% или за 20,800$/тон и кај мазутот намалување во просек за околу 0,908% или за 5,150 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 61,0579 ден/$ и е за околу 0,218% понизок од курсот на доларот (61,1912 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.
Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според Методологијата, малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се намалуваат во просек за 1,38%”, велат од Регулаторната комисија за енергетика.