Коронавирус изгледа допре до нервот на европските политичари. Стравувајќи се дека ја поткопале безбедноста преку прегоолемата зависност од Кина, европските политичари се погласно истакнуваат дека производството мора да се врати во Европската Унија, пишува Politico.
Како што се продлабочуваше кризата, комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон призна дека Европа можеби отиде „премногу далеку во глобализацијата“ и станала премногу зависна од „една земја, еден континент“.
Германската канцеларка Ангела Меркел тврди дека пандемијата ја открива потребата за „одреден суверенитет “ добиен преку „столбот на домашното производство“.
За оние тврдокорните кои се залагаат за самодоволност, тоа значи враќање назад на глобализацијата. Вооружени со нови технологии како 3D печатари, тие гледаат голема можност повторно да ги завладеат синџирите за снабдување кои зависат од Источна Азија.
Тековните и поранешни министри за економија на ЕУ, дипломати, деловни луѓе и економисти контактирани истакнаа дека таквата револуција на големо е мала веројатност, но предвидуваат промени во поглед на незавиност во одредени критични индустрии, особено во производството на медицински материјали.
За многу лидери во ЕУ, најголемиот шок од кризата е соочувањето со неспособноста на Европа самата да произведе маски за лице или основни хемикалии потребни за лекови. Медицинските сестри во богатите земји како Италија, Шпанија и САД кои носат кеси за отпадоци од ѓубре заради недостаток на заштитна опрема ја покажаа целата кршливост и нестабилност на меѓународните ланци на снабдување.
„Ние мора да научиме лекции од кризата“, вели германскиот министер за економија Питер Алтмаер за Politico. „Посебно кога станува збор за прашањето за зависност од само еден снабдувач или само еден регион“.
Враќање на производството назад во Европа
Враќањето на производството назад во земјата од каде што потекнуваат компаниите се повеќе се искачуваше високо на политичката агенда и пред вирусот да ги натера земјите да ги затворат границите.
Кон крајот на минатата година, францускиот министер за економија Бруно Ле Маир јавно ги критикуваше производителите на автомобили „Пежо“ и „Рено“ заради тоа што автомобилите ги произведуваат во Мароко, Словенија и Турција.
Индустриската стратегија на ЕУ, лансирана минатиот месец, исто така ја идентификува потребата „да се искористи најголем дел од локализирањето на работењето како можност да се врати поголем дел од производството назад во ЕУ во некои сектори”.
Сепак, лошиот одговор во снабдувањето со медицинските материјали се чини ја стави оваа дебата на попрактично ниво. И Франција и Германија брзо го идентификуваа фармацевтскиот сектор како клучна област каде што враќањето на производството назад има најголема смисла.
Недостатокот на координација во Европа беше во остар контраст со азиските тигри, чии фабрики за неколку денови произведуваат милиони маски и комплети за тестирање што им овозможи да го држат вирусот под контрола онаму каде што наводниот богат свет – Европа и САД – видно не успеа.
Заради неможноста да се снабдат со медицинска опрема производителот на автомобили Seat во Шпанија соопшти дека започнал со правење вентилатори во едно од своите погони. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела објави дека група француски компании ќе го зголемат производството на маски и вентилатори.
Кризата со корона вирусот нанесе силен удар врз слободната трговија и глобализацијата
Проблемите во снабдувањето со медицинска опрема им нанесоа силен удар на застапниците на теоријата за компаративна предност, на која се темели глобализацијата. Теоријата вели дека земјите треба да се специјализираат да го произведуваат она што го прават најдобро. Слободната трговија ќе се погрижи секоја земја да го добие она што и треба по подобра цена на светскиот пазар отколку ако се обиде да прави сè сама.
Но, пандемијата покажа дека во време на криза, светскиот пазар колабираше. Компаниите останаа лојални на своите влади или беа обврзани на тоа со локалните забрани за извоз.
Францускиот економист Филип Агион критикуваше, како што рече, прекумерната „деиндустријализација, селење на производството и проширување на синцирите за снабдување“. „Тивко, Франција се деиндустријализира. Тешко е, дури и во воена економија, да се мобилизира непостоечки капацитет”, вели Агион.
Како да се одберат стратешките индустрии?
Во она што е можеби најсилниот знак за промена во европското размислување, Меркел во понеделникот му се придружи на својот француски колега Макрон во повикот за економски „суверенитет“ за Европа.
Традиционално либералниот Макрон тврди дека кризата јасно стави до знаење дека земјите од ЕУ треба да дефинираат сет на европско базирани стратешки капацитети.
„Ќе имаме дискусија за прашањето какви стратешки капацитети мораме и сакаме да ги имаме во Европа. Потоа ќе треба да ги развиваме овие на многу таргетиран начин “, изјави Меркел.
Дипломати и официјални претставници потврдуваат дека владите на ЕУ веројатно ќе дефинираат таков збир на „критични“ индустрии во кои сакаат производството да се врати назад во ЕУ.
Но, не е јасно дали тоа би се случило на национално или на ниво на ЕУ.
Очигледниот ризик би бил расипнички преклопувања низ цела Европа ако секоја земја се обидува да изгради многу слични фабрики за медицински материјали и опрема.
Имајќи го ова предвид, францускиот министер за економија Ле Маир, како и комесарот за внатрешен пазар Бретон, го повикаа Брисел да земе улога во дефинирањето на индустриите.
Тешкотијата со идентификувањето на ваквите сектори е очигледна: Каде да се запре?
Следната криза што може да не погоди не мора да биде вирус, туку на пример ерупција на вулкан, кој би можел да го уништи воздушниот товарен транспорт и да донесе вулканска зима, претворајќи ги возовите, оранжериите и фосилни горива во стратешките индустрии. Ако има енергетска криза, тогаш ќе треба да се обезбеди домашното производство на турбини.
Листата на стратешки индустрии би можела да биде навистина долга. Економистите стравуваат дека тоа би можело да доведе до колапс на слободната трговија.
Наместо тоа, економските експерти предлагаат за почеток е добро да се оди кон диверзификација на ланците на снабдување од Кина.
Шефот за трговија на ЕУ, Фил Хоган оваа недела истакна дека постигнување целосна независност од увоз е „недостижна цел“ за ЕУ.
Дури и Париз признава дека повторното враќање на производството назад има смисла само во тесно дефинирани сектори.
„Не е веројатно да се случи насилен и масивен пад на глобализацијата“, се вели во внатрешниот меморандум подготвен за француската влада и цитиран од „Ле Монд“, „затоа што компаниите немаат причина да се откажат од предностите на меѓународните ланци на производство во однос на трошоците, конкурентноста и профитабилноста.
“Наместо тоа, извештајот препорачува диверзификација далеку од Кина.
Европските компаниите станаа свесни за оваа потреба да се диверзифицираат кога Кина ги затвори своите фабрики во февруари.
Оттука, ако треба да се научи некоја лекција од Ковид 19 тоа е дека е подобро да платите малку повеќе за да имате сигурност.
Прогнозите се дека дел од производството ќе се приближи поблиску до Европа, во земји каде што компаниите сметаат дека доволно ги познаваат политичките ризици.
„Последица од кризата не смее да биде зголемување на протекционизмот и ренационализација”, предупредува германскиот министер за економија Алтмајер.
„Нашиот просперитет се заснова на принципот на економија заснована на поделбата на трудот. Но, секако компаниите ќе мора во иднина да се фокусираат на натамошна диверзификација, намалување на зависностите и градење на поотпорна економија”, вели тој.