Еуроникел индустри, или поранешен Фени, во првите четири месеци годинава на странските пазари извезол феро никел во вредност од над 61 милион евра.
Компанијата која само пред две години беше во стечај, кој беше успешно разрешен кон крајот на 2018 година со влезот на швајцарски ГСОЛ, денеска е повторно еден од најголемите извозници од земјава.
Имено, статистиката покажува дека после катализаторите на Џонсон Мети и сетовите на спроводници за палење на Кромберг и Шуберг, феро никелот на поранешниот комбинат Фени бил трет најизвезуван производ од земјавата во првите четири месеци годинава.
Во текот на изминатата 2019 година Еуроникел, во која има околу 940 вработени, остварила извоз од околу 170 милиони евра и била четврти најголем извозник во државата.
Пред само две години кавадаречкиот комбинат за феро-никел беше безнадежен случај којшто претставуваше опасност да се претвори во сериозна економска криза и тоа не само за вработените и за регионот, туку и за целата држава зафаќајќи го банкарскиот сектор и сите останати доверители.
Долговите на тогашната компанија Фени Индустри изнесуваа над 70 милиона евра, што претставуваше сериозна опасност којашто беше предизвикана од неодговорно водење на компанијата и од страна на менаџментот, но за жал и од страна на државата тогаш.
Стечајната постапка на Фени е еден од ретките успешно завршени стечајни постапки со реорганизација на работењето, при што компанијата беше купена од страна на швајцарската компанија ГСОЛ и беа исплатани сите доверители, меѓу кои беа и најголемите банки во земјава.