Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2022, продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари на месечно ниво се пониски за 1,5%, а на годишно ниво се повисоки за 14.4 %.
Во јули 2022, во споредба со јуни 2022, продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари се пониски во секторот Рударство и вадење на камен за 4.7 %, а во секторот Преработувачка индустрија за 1.2 %.
Во јули 2022, во споредба со јули 2021, продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари се повисоки во секторот Рударство и вадење на камен за 11.0 %, а во секторот Преработувачка индустрија за 14.7 %.
Ако се анализираат податоците за првите седум месеци, порастот на цените на индустриските производи на странските пазари изнесува 18,2%, при што во праработувачката индустрија порастот на цените изнесувал 19,5%.
Претходно Државниот завод за статистика објави дека вредноста на извозот од земјава во првите седум месеци годинава изнесувала 4,7 милијарди евра и е за 19,3% поголема во споредба со истиот период лани, што укажува дека голем дел од тој раст се должи токму на порастот на цените. Во истиот период количинскиот обем на извезени производи се зголемил за 1,7%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Ако се гледа по оддели индустрии, најголем раст на цените на индустриските производи на странските пазари има кај производството на фабрикувани метални производи (40,9%) и кај производството на метали (39,5%), пред се заради високите цени на металите.
Во производството на хемиски производи, зголемувањето на цените е 17,8%, кај производството на електрична опрема растот на цените на странските пазари е 17,1%, во производството на храна има раст на цените од 19,5%, кај производството на пијалоци растот на цените на странските пазари е 16,6%.