Од Скопје за Приштина за 45 минути? За тоа ќе треба да почекаме уште најмалку три години за кога би требало целосно да заврши изградбата на долгонајавуваниот и очекуван автопатот Скопје-Блаце. Но, на пролет ќе почне изградбата на првите два од вкупно 12,5 километри.

Првите два километра од границата до клучката кај селото Блаце, ќе ги гради македонската градежна компанија Гранит, а за нив ќе се потрошат 12,2 милиона евра, пари на Јавното претпријатие за државни патишта, додека надзорот ќе го врши Градежниот институт Македонија – ГИМ.

Изградбата на оваа прва фаза од автопатот треба да трае 18 месеци, а потоа да се продолжи со изградба на останатите 10,5 километри од клучката кај Блаце, кај клучката кај Стенковец во Скопје, која сега е во фаза на проектирање.

Од Владата велат дека, иако се  работи само за два километра, битно е што работите конечно почнуваат и дека изградбата на овој автопат е многу важен.

Вицепремиерот Бујар Османи истакна дека станува збор за стратешки проект за Македонија  и оти Косово е најевтиниот и најсоодветниот извозен пазар за државава.

“Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово”, рече Османи, кој потенцира дека проектот е од важно регионално значење како дел од агендата за поврзување во рамки на Берлинскиот процес.

Косово е трет најголем извозен пазар за македонските компании, каде во првите 11 месеци од 2019 година имамем извоз од над 270 милиони евра, а вкупната трговска размена во истиот период изнесувала 300 милиони евра.

Откако целосно ќе се изгради автопатот, кој вкупно ќе чини околу 100 милиони евра, од Скопје до Приштина ќе се стига за 45 минути, наместо досегашните два часа.

Кога ќе се завршат преостанатите десетина километри засега не може да се прецизира, бидејќи експропријацијата на теренот сè уште не е целосно завршена и остануваат да се експроприраат уште 68 парцели. Останатите 10,2 километра од Блаце до Стенковец, кои се на тешка траса на која ќе има четири тунели и девет вијадукти, се во фаза на проектирање, што според Китанов треба да биде готово за 12 месеца, во првиот квартал од наредната година, кога треба да се распише и тендерот за изведувач. За реализација на овие 10,5 километри од патот има обезбедено пари, но нема рок за изведба. За оваа делница одобрен е грант од 27 милиони евра од фондот за Западен Балкан, како и заем од околу 70 милиони евра од ЕБОР, кој треба да се формализира.

“Предвиденото автопатско решение ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти за возење со ширина од по 3,5 метри и по една лента за застанување од 2,5 метри. Вкупната проектирана ширина на автопатот ќе изнесува околу 27 метри. Предвидени се две клучки, кај Блаце и Стенковец. Постојниот пат ќе се рехабилитира уште оваа пролет и ќе служи како алтернативен”, вели директорот на Јавното претпријатие за патишта Зоран Китанов.