Во март годинава македонските компании извезле производи во вредност од 430 милиони евра, што е пад од 26,8% во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците кои денеска ги објави Државниот завод за статистика.
Увозот, пак, во март 2020 изнесувал 607 милиони евра и е помал за 18% во споредба со истиот период лани. Покриеноста на увозот со извоз во третиот месец годинава изнесувал 70,9%.
Вкупниот обем на трговската размена на македонските компании со странство, која во март изнесувала 1 милијарда евра и е намалена за 21,9% во споредба со лани.
Ако се гледа, пак, периодот од јануари до март 2020 година вкупниот извоз за овие три месеци изнесува 1,4 милијарди евра и тој е помал за 8,2 % во споредба со првите три месеци од 2019 година. Увозот во првото тромесечие бележи пад од 3,6% во споредба со лани и изнесувал 1,9 милијарди евра.
Извозот во Европската унија, каде бил насочен 80% од вкупниот извоз на македонските компании во првите три месеци бележи пад од 9,9%.
Во земјите од Западен Балкан, кои се втор најголем извозен пазар за македонските компании, во првите три месеци сме извезле производи во вредност 142 милиони евра, што е намалување за 5,4%.
Намален извозот на автомобилски делови, зголемен извозот на храна и пијалоци
Ако се гледа по сектори, во првите три месеци годинава најголем пад имал кај извозот на нафтени деривати и во индустрите каде се најбројни големите извозни странски компании кои се најмногу врзани со нарачки од европската евтомобилска индустрија.
Најголем извоз во првото тромесечие е остварен кај извозот на машини и транспортни уреди во вредност од 460 милиони евра, кој бележи пад од 13,8% во споредба со истиот период лани.
Извозот на нафтени деривати во првите три месеци има најголем пад од 18,8%. Извозот на хемиски и сродни производи, каде е вклучен и извозот на најголемиот извозник Џонсон Мети во првите три месеци годинава е намален за 11,9%.
Извозот на храна бележи најголем раст од 6,4%. Во првите три месеци годинава извозот на храна изнесува 76,8 милиони евра.
Раст од 3,8% во првите три месеци бележи и извозот на пијалоци и тутун, чија вредност во овој период изнесува 24 милиони евра.
Извозот во Белгија и Италија со најголем пад
Ако се анализира извозот по земји во првите три месеци годинава најголем пад од дури 33,5% има во Белгија, петти најголем извозен пазар лани, каде во овој период е остварен извоз од 37,7 милиони евра.
Втор најголем пад од 27,8% има кај извозот во Италија, кој во овој период изнесувал 32,8 милиони евра.
Извозот во Германија, кој е најголем извозен пазар за Македонија, во првите три месеци годинава изнесува 663 милиони евра и бележи пад од 14,2% во споредба со истиот период лани.
Извозот во Косово во првото тромесечие изнесувал 53, 5 милиони евра и е помал за 10,8% воспоредба со истио период лани. Пад на извозот во периодот јануари-март има и на пазарите во Романија, САД, Кина и Полска.
Најголем раст пак во првите три месеци има во Холандија од 86%, во Русија од 14,2%, во Унгарија од 10,8% и во Чешка каде имало раст на извозот од 7,8%.