Изминатата 2022 година била од Македонија е извезен зеленчук во вредност од близу 81 милион евра, што е раст од 20% или за 13,7 милиони евра повеќе во однос на вредноста на извезениот зеленчук во 2021 година.
Што се однесува до извезените количини тие се помали за 0,7% во однос на 2021 година, односно во текот на 2022 година на странските пазари биле извезени околу 118 илјади тони зеленчук.
Анализата на вредоста на извозот на зеленчук во изминатите години покажува дека минатата 2022 година бил остварен вредносно највисок досега извоз во последните 10 години.
Но, инфлацијата и повисоките цени го маскираат падот на продадените количини на зеленчук кои минатата година биле најниски во последните 10 години и се за над 35% помали од количините на зеленчук кои се продавале на странските пазари на пример во рекордната 2014 година со рекордни 182 илјади извезени тони.
Најизвезуван зеленук од Македонија традиционално е зелката. Во 2022 година на странските пазари била продадена зелка во вредност од 25 милиони евра, што е раст од 23% во споредба со 2021 година. Извезените количини на зелка достигнуваат близу 60 илјади тони и се поголеми за 11,4% во споредба со претходната 2021 година.
Пиперките се втор најдобро продаван зеленчук во странство. Во 2022 година од Македонија на странските пазари биле продадени 22,8 илјади тони пиперки во вредност од 15,4 милиони евра. Вредноста на извезените пиперки бележи раст од 18,7%, додека извезените количини се помали за 2,8% во споредба со 2021 година.
Следни се доматите од чија продажба во странство лани се заработени 11,5 милиони евра, што е раст од 16,7% во споредба со претходната 2021 година. Лани извезени биле 14,3 илјади тони домати, што е за 3% помалку отколку во 2021 година.
Вредноста на извозот на краставици и корнишони лани се намалил за 26%, на 4,47 милиони евра. Извезените количини на краставици и корнишони бележат уште поголем пад од 38% во споредба со 2021 година.
Следи извозот на свеж компир во вредност од 1,6 милиони евра, раст од 75% во споредба со 2021 година. Извезените количини на компири бележат годишен раст од 12,4% и изнесувале 2,9 илјади дони.
Од извоз на печурки за јадење се остварени 1,54 милиони евра, раст од 4,3%, а извезените количини се намалиле за 22%, на само 146 тони.
Минатата 2022 година од Македонија бил извезени 3,4 илјади тони кромид во вредност од 1,3 милиони евра. Заради високиот раст на цената на кромидот, вредноста на извозот на кромид бележи раст од 24%, додека извезените количини се помали за 28% во споредба со 2021 година.
Следат извозот на спанаќ (820 илјади евра), модар патлиџан ( 596 илјади евра, цвекло (327 илјади евра), карфиол и брокула (251 илјади евра).
Покрај свежиот зеленчук, голем раст на извозниот приход од 32% лани се бележи и кај извозот на замрзнат или сушен зеленчук од што лани се остварени 8,6 милиони евра.
Каде најмногу се продава македонскиот зеленчук?
Ако се анализираат податоците за вредноста на извозот, најголем извозен пазар за македонскиот зеленчук минатата 2022 година била Србија. Во Србија лани биле продадени 17,6 илјади тони зеленчук во вредност од 12,3 милиони евра.
Најголем извозен пазар, пак, според извезените количини е Украина каде лани биле извезени 19,8 илјади тони зеленчук во вредност од 8,46милиони евра, според што е четврти најголем пазар.
Втор извозен пазар според вредноста на остварениот извоз лани била Италија, каде лани бил извезен зеленчук од само 800 тони, од што остварени биле приходи од 9,68 милиони евра.
Следи Русија, каде лани бил реализиран извоз од 7,8 илјади тони зеленчук, од што биле остварени 9,2 милиони евра.
Следат Хрватска со извоз од 5,9 милиони евра, Германија со извоз вреден 5,1 милион евра, Романија со извоз од 4,2 милиони евра, Бугарија со извз од 3,4 милиони евра и БиХ со извоз од 1,6 милиони евра.