Во периодот од јануари до ноември изминатата 2019 година македонските компании оствариле вкупен извоз од 5,91 милијарди евра, што е за 10,% повеќе во споредба со истиот период во 2018 година.
Увозот, пак, во истиот период растел со помало темпо, односно за 9,% и на крајот на номеври 2019 година достигна вредност од 7,67 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз во периодот јануари-ноември изнесувала 77,2%, а трговскиот дефицит изнесувал 1,75 милијарди евра.
Најголем дел од извозот или 32,8% од вкупниот извоз отпаѓа на извозот на машини и транспортни уреди, чија вредност на крајот на ноември достигна 1,95 милијарди евра. Во споредба со истиот период лани, извозот на машини и транспортни уреди годинава е поголем за 14,4%.
Извозот на хемиски производи во периодот од јануари до ноември минатата година годинава достигна вредност од 1,42 милијарди евра или 24% од вкупниот извоз на земјата. Во споредба со истиот период лани, извозот на хемиски производи годинава е поголем за 10%.
Со овие две извозни групи, хемиските производи и машините и транспортни уреди се прави речиси 57% од вкупниот извоз на Македонија, а станува збор за производи кои се произведуваат во фабриките кои странските инвеститори ги отворија во и надвор од слободните економски зони.
Од извоз на железо и челик во првите единаесет месеци од 2019 година македонските компании заработиле 541 милиони евра, додека извозниот прилив од извозот на облека и додатоци на облека во истиот период изнесува 398 милиони евра.
Извозот на храна во единаесетте месеци од 2019 година изнесува 341 милион евра и тој е за 16,4% поголем во споредба со истиот период во 2018 година.
Од вкупниот извоз на храна речиси половина или 165 милиони евра отпаѓа на извоз на свеж зеленчук и овошје.
Извозот на пијалоци и тутун е зголемен за 12,4% и на крајот на ноември минатата година достигна 203 милион евра. За првите единаесет месеци од 2019 година на странските пазари се продадени пијалоци во вредност од 67,8 милиони евра, од кои најголем дел отпаѓа на извозот на вино. Извозот, пак, на тутун и тутунски производи во овој период изнесувал 135 милиони евра.
За единаесетте месеци од 2019 година од Македонија се извезени нафтени деривати вредни 86 милиони евра и електрична енергија во вредност од 34 милиони евра.
Извозот на лекови и фармацевстки производи достигна вредност од 85,7 милиони евра за единаесетте месеци од 2019 година.