И вториот наш најголем трговски партнер во голема неволја: Британската економија годинава ќе падне за 14%

Централната банка на Англија објави извештај во кој предвидува пад на економијата на Британија од 14% во 2020 година. поради економската криза предизвикана од пандемијата на новиот коронавирус.
Тоа би било најголемиот пад на економијата во едногодишен период од кога се бележат податоците, од 1949 година, соопшти Канцеларијата за национална статистика.

Покрај тоа, Централната банка на Англија вели дека ова ќе биде најголемиот нагол пад на економијата од 1706 година. Базирано на податоците на Централната банка датираат наназад до 18 век.

Велика Британија е втор најголем трговски партнер на Македонија, а најголем од трговијата отпажа на увозот на платина кој го прави најголемиот извозник во земјава Џонсон Мети за производство на катализатори за автомобилски делови. Од извозот најголем дел отпаѓа на извоз на згура и пепел, седишта за автомобили, облека, тутун, кондиторски производи.
Македонскиот извоз во Британија првите три месеци изнесува 46 милиони евра и е за 22% повеќе во споредба со истиот период лани. Во 2019 година во Британија сме оствариле извоз од 143 милиони евра, додека увозот изнесувал 969 милиони евра.

Прогнозата на Банката на Англија се темели на предвидувањата дека рестриктивните мерки постепено ќе се намалуваат од јуни.

Во денеска објавената прогноза Банката на Англија соопшти дека британската економија може да опадне за околу 25% во вториот квартал оваа година, по контракција од три проценти во првиот квартал, но потоа ќе започне да расте поради укинување на ограничувањата воведени поради пандемијата на Ковид-19.

Со два последователни квартали со пад на економијата, што е техничка дефиниција на рецесија, Велика Британија влегува во првата рецесија во последните десет години.

Банката на Англија верува дека економијата во земјата може многу брзо да се опорави, доколку заврши пандемијата во земјата и во странство.

Велика Британија очекува економскиот раст да закрепне во 2021 година со раст од 15%.