Кои се 10-те најголеми извозни пазари на македонските компании?

Вкупниот извоз на Македонија во периодот од јануари до ноември изминатата 2019 година изнесува 5,9 милијарди евра и дури 81% или 4,79 милијарди евра бил насочен кон 28-те земји членки на Европската унија (ЕУ). Македонскиот извоз во ЕУ во овој период е зголемен за 8,3%.

Македонскиот извоз во земјите од Западен Балкан во единаесетте месеци годинава растел со стапка од 15,4%. Но, само мал дел или 11,3 % од вкупниот извоз или вкупно 674 милиони евра се остварени во земјите од Западен Балкан.

Дури 80% од македонскиот извоз се прави на 10 пазари.

Најзначаен извозен пазар за Македонија е Германија, каде во единаесетте месеци од 2019 година се извезени производи во вредност од 2,86 милијарди евра или 48,3% од вкупниот извоз. Забавувањето на германската економија барем засега не го погдува сериозно македонскиот извоз и статистиката покажува дека извозот во Германија во периодот јануари-ноември е за 14,% поголем во споредба со истиот период од 2018.

Бугарија е втор најголем извозен пазар каде македонските компании во првите единаесет месеци од 2019 година продале стоки во вредност од 292,3 милиони евра.

Продажбите на косовскиот пазар во периодот од јануари до ноември лани достигнаа 271,4 милиони евра, што го прави трет најголем пазар.Извозот на Косово бележи раст од 33,1%.

Српскиот пазар е исто така еден од најважните извозни пазари за македонските компании. Извозот во Србија за единаесетте месеци од 2019 година е зголемен за 8% и на крајот на ноември достигна вредност од 230 милиони евра, што ја прави четврт најголем извозен пазар.

Следи Белгија каде во првите единаесет месеци од 2019 година сме извезле стоки во вредност од 197 милиони евра и тој бележи пад од 5,1% во споредба со истиот период од 2018 година.

Италија е шести најголем пазар за македонските компании со извоз вреден 164 милиони евра, кој енамален за 5,1% на годишно ниво..

Со извоз од 159 милиони евра грчкиот пазар е седми најголем извозен пазар. Извозот во Грција од јануари до ноември лани е намален за 10%.

Голем раст на извозот од дури 38,8% има во Унгарија која е осми најголем извозен пазар, со извоз од 153 милиони евра.

Деветти по големина извозен пазар е Романија, каде се извезени 146,5 милиони евра за единаесетте месеци од 2019 година, а Велика Британија каде е реализиран извоз од 135 милиони евра е 10-ти најголем извозен пазар.

Најголем раст на извозот имаме кон Кина, каде во периодот јануари до ноември лани  се извезени 128 милиони евра, што е зголемување за 168,7%.