Комерцијална банка, најголемата банка во земјава според активата, првата половина годинава работела со профит од 12 милиони евра, кој е за 10% поголем во споредба со истиот период лани, покажува неревидираниот единечен финансиски извештај на Банката објавен денеска на Македонската берза.
Нето приходите од камати на Банката во овој период изнесуваат 19,6 милиони евра и се за 3,2% поголеми од истиот период минатата година.
Во истиот период Комерцијална банка остварила нето приходи од провизии и надоместоци од 6,7 милиони евра, кои се намалени за 11,5% во споредба со истиот период 2019 година.
“Ова намалување се остварува под влијание на неколку фактори: намалена економска активност на клиентите во услови на криза, укинати надоместоци за електронско и мобилно банкарство како една од мерките за олеснување на негативните ефекти за клиентите во текот на вонредната состојба и зголемени провизии кои Банката ги плаќа кон надворешни добавувачи на услуги”, велат од Комерцијална банка
Голем раст од од речиси 400% Комерцијална банка пријавила кај останатите приходи од дејноста, кои во првата половина годинава изнесувале 16,95 милиони евра.
Билансите на Банката покажуваат дека голем раст има и на исправката на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, која за првата половина годинава достигна 18,9 милиони евра, што е поголема за 167% во споредба со истиот период лани. Ако се изземе вредноста на исправката, остварената добивка на Банката пред исправка на вредноста, е за 70,3% поголема во однос на истиот период минатата година.
“Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје и Технометал Вардар АД Скопје”, објаснуваат од Комерцијална банка.
Вкупната актива на Комерцијална банка на крајот на јуни достигна 2 милијарди евра и во однос на декември 2019 година бележи зголемување од 2,2%, кое зголемување во најголем дел произлегува од порастот на кредитите дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност.
Од Комерциајлна банка информираат дека заклучно со крајот на јуни, обврските по кредити се намалени за 20,4% во однос на декември 2019 година, главно како резултат на повисокиот износ на редовна отплата на обврските по кредити во однос на износот на новите повлекувања по договорите за кредит.
Од Банката велат дека во овој период заедно со уште пет банки учествувале во кредитирање на Министерството за финансии за потребите на буџетско финансирање поради што кредитирањето на секторот држава бележи значителен пораст и планот е остварен со 107,3%.
“Светската пандемија со Ковид-19 се очекува да има силни економски последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија која е од отворен тип. Согласно објавените податоци и показатели за остварувањата во реалниот сектор, негативните ефекти веќе се видливи, додека последиците врз финансискиот систем ќе се почувствуваат со одредено временско задоцнување”, проценуваат од Комерцијална банка.