Винарската визба Тиквеш објави дека во првите три месеци годинава работела со вкупни приходи од продажба од 6,1 милони евра, што е раст 7% во споредба со истиот период  лани.

Околу 60% или 3,6 милиони евра од вкупните приходи од продажба во првиот квартал се остварени од продажба на домашниот пазар, кои се за 6% поголеми во споредба со истиот период лани.

Од продажба на вината на Тиквеш на странски пазари, компанијата остварила приходи од 2,5 милиони евра, кои се за 7% поголеми во споредба со првото тромесечие од 2019 година.

Нето добивката со која компанијата работела во првиот квартал изнесува околу 390 илјади евра и е за 3% помала во однос на истиот период минатата година, додека оперативната добивка во истиот период бележи пад за 11%.

Од Тиквеш информираат дека намалеувањето на оперативната добивка се должи на влијанието од почетокот на кризата со вирусот COVID-19.

“Краткорочните првични негативни последици се највидливи во падот на продажбата и загрозената ликвидност на компанијата. Тоа ја вклучува намалената продажба најмногу како резултат на затворањето на угостителските објекти, со што продажбата е намалена за над 50% од почетокот на кризната ситуација. Се работи за продажбата на домашен пазар, но и извоз, затоа што мерките кои се на сила се исти на сите пазари, поради што се реализираат само нарачки од странски увозници направени пред почетокот на кризата”, информираат од винарницата Тиквеш.

Но, од компанијата потенцираат дека ефектите сега се помалку видливи, a друштвото вложува повеќе и има зголемени трошоци, за да успее во продажбата.

“Влијанието на кризната ситуација ќе биде позабележливо во вториот квартал од 2020 година. Од аспект на анализа на потенцијалните ефекти од моментална состојба врз идното финансиско работење, како и проекции за очекуваните импликации на идните резултати на друштвото, заклучокот е дека последиците допрва ќе се согледаат во полн капацитет, а ефектите ќе се чувствуваат уште долго време”, велат од компанијата.

Според проценките на менаџментот на компанијата, првиот поголем удар ќе дојде следната берба, кога веројатно побарувачката за грозје ќе биде многу помала, затоа што сите винарници ќе имаат големи залихи поради намалувањето на продажбата.


Мерки за надомест на штетите

 

Од Тиквеш информираат дека заради намалување на негативниот ефект врз работењето преземаат низа мерки како на пример обид да се компензира падот на продажбата со он-лајн продажба, продажба во малопродажните објекти и поволни активации за потрошувачите, како и продажба на регионалните и странските пазари, со цел да се потрошат залихите и да се задржат вработените.

Но, со оглед на фактот дека он-лајн продажбата на вино е многу мала, се надеваат дека реалксацијата на мерките и отварањето на угостителските објекти во вториот квартал ќе ги зголемат продажбите на вино.


Можно е намалување на производството

 

Од Тиквеш велат дека во претстојниот период на подготовка за овогодинешната берба на грозје, активно работат на пропишување на посебни протоколи за работа во лозјата, во соработка со надлежните институции. Но, предупредуваат дека заради тоа е можно намалување на производството на вино и забавување со работата.

Од компанијата информираат дека до 2022 година планираат да вложат во вкупно 650 хектари сопствени лозови назади и дека ќе продолжат со инвестии кои се неопходни  за обезбедување на квалитетно грозје и за успех во бизнисот