Кромберг и Шуберт е компанија која е фокусирана на развој и производство на комплексни мрежни системи во автомобилската индустрија. Во моментот на повеќе од 40 локации во светот се произведуваат кабелски снопови и пластични делови за патнички и товарни возила за најголемите производители како што се БМВ, Мерцедес, Ауди, Порше, Шкода итн. Посветеноста на континуирано подобрување, производството и управувањето со квалитет имаат најголем приоритет сè со цел секој производ да се доведе до совршенство.
Компанијата успешно егзистира повеќе од еден век, а тоа се должи пред сè на пионерскиот дух, иновативно претприемништво, културата и политиката на компанијата, следењето на трендовите на пазарот, препознавање на потребите на клиентот, како и ентузијазмот и мотивацијата во постојано вложување во вработените и организирање на работата низ призмата на општествената одговорност.
Во 2012 година, Кромберг и Шуберт Македонија Дооел Битола го започнува производството на првиот кабелски сноп во Битола, во индустриската зона Жабени, за автомобилскиот гигант БМВ.
Успехот кој КШМК го постигна на ниво на групација беше и причина да се донесе одлука за експанзија и зголемување на производствениот капацитет на фабриката, која денес располага со 46.000 м2 и брои околу 5.500 вработени.
Моментално, фабриката активно работи на производство на кабелски инсталации за Мерцедес комбиња: Sprinter, V-Class и Vito и за Ауди А4.
Лидерската култура во оваа компанија се темели на вредности, како: лојалност, интегритет, кредибилитет, сигурност, флексибилност, прагматичност, иновативност и тимски успех.
Покрај тоа, компанијата работи во согласност со најновите принципи на концептот на „Lean Management“ кој подразбира јакнење на активностите кои генерираат најмногу вредност за клиентот и компанијата, стандардизарање на процесите, подобрување на условите за работа и елиминирање на сите видови загуба.
Оттука, позитивниот став и посветеноста се главни начела на менаџменот на КШМК за остварување на целите како што се: мотивирани вработени, компанија која е финансиски независна и задоволни клиенти со кои ќе се обезбеди иднината и работните места за сите.
Јасна определба на компанијата е да работи согласно принципите на социјална и општествена одговорност, да промовира транспаретното и етичко управување, постојано, без разлика на условите, да вложува во подобрување на животната средина и да гради стабилни и партнерски односи со соработниците и деловните партнери.
Препознавајќи дека вложувањето во младите луѓе, преку развивањето и поддршката на образовниот систем, се од непроценливо значење, компанијата во координација со Делегацијата на германското стопанство во Македонија и Министерството за образование зема активно учество во проектот „Дуално образование“.
КШМК кон овој проект се вклучува во 2019 година, при што во соработка со Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ се оформи и првата паралелка од струката техничар за индустриска мехатроника, која брои 11 ученици.
Во октомври 2020 година учениците започнаа со практична настава, во посебно опремен кабинет, каде што, сѐ она што теоретски се изучува во училиште практично ќе биде усовршено под менторство на специјално обучени ментори кои воедно се и вработени во компанијата.
Покрај ова, КШМК има креирано и стипендиска програма за студентите при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и до сега се доделени 9 стипендии.
Со ваквите програми компанијата сака да ја поттикне мотивацијата кај младите да вложуваат во своето знаење и во нивниот развој, бидејќи само на тој начин ќе им се отворат нови врати и можности во животот, ќе им се зајакне самодовербата и ќе можат да се изградат во професионалци и луѓе со вистински вредности кои ќе придонесуваат во општеството на вистински начин.
Меѓу другото, Кромберг и Шуберт Македонија е препознатлива и по нејзиното филантропско делување во корист на заедницата преку директни донации во образовни и медицински установи, културни и спортски настани, учество во разни проекти организирани од локални и меѓународни граѓански здруженија.
Па така, во период кога и самата компанија се соочува со последиците од економската криза во автомобилската индустрија, предизвикана од пандемијата, наоѓа начин да ја задржи мотивацијата и позитивната енергија за да ја продолжи својата добротворна мисија при што во март 2020 година носи одлука да даде придонес во зајакнување на капацитетите за тестирање на населението од вирусот Ковид – 19, со донирање на Екстрактор во Центарот за Јавно Здравје во Битола.
Станува збор за апарат „InnuPure C16 touch“ со кој се доопремува молекуларната лабораторија за спроведување на потребните тестирања и станува прва лабораторија од таков вид надвор од главниот град.
Покрај оваа, една од позначајните донации, за кои компанијата е особено горда, е донацијата на парични средства за изградба на државна детска градинка во Битола со капацитет за згрижување на 150 деца. Со изградбата на оваа градинка ќе се реши долгогодишниот проблем на многу граѓани во Битола, а воедно градинката ќе биде изградена по сите европски стандарди за објект од ваков тип, кој ќе им обезбеди на децата правилен раст и развој.
Заложба на компанијата е секогаш да се внесуваат новитети во начините на работа, да се помогне таму каде што има најголема потреба, континуирано да се подобрува начинот на делување, постојано да се мотивира, инспирира и да се дава позитивен пример, бидејќи сите имаме одговорност да придонесеме и вложуваме во заедницата и регионот каде што делуваме.