Македонија во глобалните ланци на производство: Странските компании го зголемија извозот со повисока вредност

Народната банка на С.Македонија неодамна објави анализа во која се испитуваат одговорите на Македонија и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа на се поголемите промени во глобалното окружување и предизвиците кои ги носат глобализираната трговија и финансиски системи.

Во Истражувањето се анализира сѐ поголемото значење на глобалните синџири на производство помеѓу земјите од овие региони и Германија. Посебно внимание е посветено на македонската економија и видливите промени во трговската и производната структура, предизвикани од сѐ поголемата интеграција во глобалните синџири на производство во изминатата декада.

Тековните предизвици уште повеќе ја нагласуваат потребата за понатамошни реформи во македонската економија насочени кон зголемување на продуктивноста, постигнување понатамошна извозна и производна диверзификација, како и давање уште поголема предност на извозниот сектор и искористување на неговиот потенцијал.

Во изминатава декада македонската економија доживува забрзана интеграција во глобалните ланци на снабдување, посебно со влезот на новите производни капацитети кои се отворија во слободните економски зони. Најголемиот дел од овие производни капацитети се вклучени во снабдувачките ланци во автомобилската индустрија и се директно поврзани со германската индустрија.

“Овие промени уште повеќе ја зголемија отвореноста на македонската економија од 108% од БДП во 2008 година на 126,1% од БДП во 2018 година. Влезот на странските ппроизводни капацитети во зооните кои се главно извозни ориентирани го зголемија учеството на извозот во БДП за 14,8%, или од 39,8% во БДП во 2008 година учеството на извозот се зголеми на 54,6% од БДП во 2018 година”, се вели во Извештајот и се потенцира дека приливот на странски инвестиции кои се извозно насочени во изминативе десетина година ја зголемија трговската интеграција на Македонија со ЕУ, но донесоа и значителни промени во извозната структура на македонската економија, која до пред влезот на овие капацитети беше далеку повеќе изложена на надворешнни шокови и зависна од промените во цените на суровините на светските берзи.

“Извозот на новите компании во зоните, повеќето од нив интегрирани во синџирот на снабдување на германската автомобилска индустрија се главната движечка сила зад силните извозни перформанси во последните пет години. Извозот на овие компании се зголеми за скоро шест пати од 2011 година наваму, а нивниот нето-извоз значително го намали трговскиот дефицит”, се вели во Анализата на Народната банка.

Структурната промена во извозот во периодот од 2013 до 2018 година покажува значително зголемување на процентот на производи со поголема вредност, поточно машини и опрема за транспорт и хемиски производи, а истовремено значително намалување на релативната важност на поранешните традиционални сектори за извоз, како што се железо и челик, храна и тутун и текстил.

“Структурната промена во извозот надомашната економија е повеќе од очигледна. Тековното учество на извозот со повисоката вредност изнесува 56%, што е зголемување од 46,7 процентни поени во споредба со учеството од 9,6% во 2008 година”, се вели во Анализата и се посочува дека овој процес на диверзификација на извозот кој се случува со изминатите десет година во многу нешта наликува на процесите кои се случувале во многу земји од Централна и Источна Европа, како  што се Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија , Романија…

Во овие држави најголем дел од извозот отпаѓа на извозот на машини и транспортна опрема и хемиски производи, бидејќи повеќето од нив се високо интегрирани во глобалните ланци на снабдување преку германската автомобилска индустрија.


Сегашното учество на извозот со повисока вредност од 56% во вкупниот македонски извоз се приближува до понапредните економии на Централна и Источна Европа. Во Чешка учеството на извозот со повисока вредност изнесува 63,3% во вкупниот извоз во 2018 година, во Унгарија 66,7%, Словачка со учество од 62,3%, Словенија и Романија со учество со 55,5% и 53,5% соодветно.

Просечниот удел на извозот со повисока вредност во земјите од Западен Балкан, ако се изземе Македонија, е под 30%.

Покрај тоа, значителна позитивна придобивка од подлабоката интеграција во глобалните ланци на снабдување е прераспределбата на индустриското производство кон сектори со повисоко ниво на технологија, особено во секторите со среднотехнолошко ниво, бидејќи уделот се зголеми од 9,8% во 2010 година на 32,6% во 2018 година, додека во истовреме се намали учеството на секторите со пониско технолошко ниво.