Производителот на топловалани лимови Макстил објави дека минатата 2022 година остварил приходи од продажба од 180 милиони евра, што е за дури 57% повеќе во споредба со приходите од продажба остварени во 2021 година.

Неревидираните финансиски извештаи на компанијата објавени на Македонската берза покажуваат дека 90% од приходите од продажба се остварени од извоз, односно од продажба на странски пазари. Вредноста на извозот на Макстил во 2022 година надмина 163 милиони евра и бележи раст од 61% во споредба со 2021 година.

Приходите од продажба на домашниот пазар, пак, изнесувале 17 милиони евра и се поголеми за 25% во споредба со 2021 година.

Од објавените извештаи може да се види дека оперативните расходи на Макстил во 2022 година бележат исто така голем раст од 55%, пред се заради големиот раст на трошоците за суровини и материјали, кои во 2022 година биле повисоки за дури 70% во споредба со 2021 година и достигнале околу 167 милиони евра, како и зголемувањето цената на енергенсите, а особено на природниот гас и електричната енергија. Финансиските расходи на Макстил исто така бележат зголемување за 46%, достигнувајќи 2,5 милиони евра во 2022 година.

Макстил, кој е осми по големина извозник од Македонија, според последната рангирање во едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, информира дека во 2022 година работел со нето добивка од околу 17,5 милиони евра, што е за 27% поголема од нето добивката на компанијата остварена во 2021 година.

Главна карактеристика на пазарот на челик во текот на 2022 година беше нестабилноста, воглавно предизвикана од неколку фактори глобалната економска несигурност, стравувањата од рецесија, инфлацијата  и порастот на цените на енергенсите, кои извршија притисок врз цените и побарувачката на челикот, велат од Макстил.

Од компанијата очекуваат глобалната економска несигурност која започна во 2022 година да влијае на успорување на економскиот раст во 2023 година пред сѐ поради поради руско-украинскиот конфликт и зголемената инфлација, што според прогнозите негативно ќе влијае на побарувачката на челик во текот на оваа година.

Макстил под влијание на глобалните трендови успеа во текот на целата година да врши навремена координација и менаџирање на деловните активности, со што успешно ја заврши тешката и неизвесна 2022 година, благодарение на одличното ползување на  својата пазарна позиција како во регионот, така и на пазарите во Турција и Европската Унија”, велат од Макстил.

Зголемените трошоци ја принудиле компанијата да го намали производството на одредени производи, па така од Макстил информираат дека оствареното производство на челичен полуфабрикат, челичански слабови во 2022 година изнесува 247.166 тони, што споредено со 2021 претставува намалување од 21%, додека во однос на планираното производство за годината претставува исто така намалување од 16%.

Оствареното производство, пак, на дебели лимови во производниот погон Валавница изнесува 303.288 тони, што споредено со 2021 претставува зголемување од околу 11%, додека во однос на поставениот производен план за 2022 година, претставува зголемување од околу 10%.

Во текот на 2022 година Макстил инвестирал околу 2,6 милиони евра, а исто така ги корегирал нагоре и платите на сите вработени.

Во наредниот период наш најголем предизвик и понатаму останува справувањето со енергетската криза, зголемената инфлација, како и потешкотиите со транспортот и логистиката”, велат од Макстил.