Во 2019 година Македонија извезла електрична енергија во вредност од 35 милиони евра, што е раст од 32% во споредба со приходите од извоз на струја остварени во 2018 година.
Зголемувањето на извозот е уште поголемо ако се анализираат количните на извезена струја. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека минатата година од земјава биле извезени 583.019 мегават часови електрична енергија, што е годишен раст од 54,5% во споредба количините на извезена струја во 2018 година.
Најголем извозен пазар каде се продава електричната енергија е Србија, каде лани била извезена струја во вредност од околу 19 милиони евра. Втор најголем пазар била Грција, каде од продажба на струја минатата година се заработени 7,6 милиони евра.
Најголем и неколкукратен раст на извозот на електрична енергија лани имало во Бугарија, каде е извезена електрична енергија во вредност од 5,9 милиони евра и која е трет најголем пазар каде се продава електричната енергија. Следи Унгарија, каде лани сме извезле електрична енергија во вредност од 1,3 милиони евра.
И покрај растот на извозот, Македонија е нето увозник на електрична енергија, односно од сопствено производство се задоволува околу 60% од потрошувачката за енергија. Податоците покажуваат дека само минатата година сме увезле електрична енергија во вредност од 135 милиони евра, што е годишен раст од 19,3%. Или ако се спореди количинаски, лани сме увезле пет пати повеќе електрична енергија отколку што сме извезле.
Вкупното нето производство на електрична енергија во земјава минатата година изнесувало 5,5 милиони мегават часови и е зголемено за 4,1%. Најголем раст има кај производството од термоцентрали од 23,9%, додека производството од хидроцентрали е намалено за 35%.
Неодамна британскиот тинк тенк, Сендбег, во својот последен извештај предупреди дека увозот на евтина струја од земјите од Западен Балкан, меѓу кои води Северна Македонија, претставува ризик за европските амбиции за намалување на емисиите на CO2 во ЕУ, како и во регионот.
ЕУ често предупредува дека шеснаесетте централи на јаглен во регионот загадуваат колку сите 250 централи на Унијата.