Од Народната банка информираат дека на 13 октомври 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на којашто биле разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на ниво од 1,5%, откако таа беше претходно намалена во три наврати.

“Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови”, информираат од Народната банка.

Истовремено, на седницата било оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што е одлучени на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Последно расположливите макроекономски показатели, велат од Народната банка, упатуваат на годишен пад на бруто домашниот производ (БДП) во првата половина од годината од 6,4%.
“Во однос на априлската проекција на Народната банка, ова претставува малку послабо остварување од очекувањата главно како резултат на отстапувањето за првиот квартал, додека остварувањето во вториот квартал беше во целост во согласност со проекцијата на Народната банка. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, поместување коешто е очекувано и во проекцијата на Народната банка. Ова е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата, градежништвото, прометот во угостителството, а делумно и кај трговијата”, објаснуваат од Народната банка.

Просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на релативно ниско и стабилно ниво и за првите девет месеци од годината изнесува 0,9%, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната, велат од Народната банка.
Тоа е над очекувањата зна Народната банка за стапка на инфлација од 0% во 2020 година, при што се потенцира на зголемената неизвесност околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година, со претежно нагорни ризици.

Од Народната банка информираат дека девизните резерви и на крајот на третиот квартал на 2020 година се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, а во почетокот на октомври бил остварен дополнителен прилив од 80 милиони евра врз основа на заем на државата во рамките на макрофинансиската поддршка на Европската комисија.

Податоците од надворешнотрговската статистика заклучно со август упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекуваниот, согласно со априлската проекција.

“Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за септември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината. Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително се зголеми, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари”, се вели во соопштението на Народната банка.

На седницата на Комитетот било заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена.

“Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија”, велат од Народната банка потенцираат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно.