Странските директни инвестиции ќе паднат за дури 40% во 2020 година, како резултат на пандемијата на коронавирус, а најголем удар ќе претрпат земјите во развој, оценуваат Обединетите нации во својот најнов извештај.

Странските директни инвестиции ќе паднат од минатогодишните 1,540 милијарди долари на помалку од 1.000 милијарди долари, за прв пат од 2005 година, проценува Агенцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД).
Во 2021 година, ќе се намалат за дополнителни 5% до 10% , а закрепнувањето не се очекува до 2022 година, предвидува УНКТАД.

„Најголем пад на странските директни инвестиции ќе биде забележан во економиите во развој“, во кои производството и екстракцијата на суровините се главно финансирани од странски капитал, објаснуваат од УНКТАД.

Најголем дел од глобалните директни инвестиции се генерираат од 5.000 водечки мултинационални компании, кои ги намалиле годишните проценки за профит во просек за околу 40%, забележува УНКТАД.

Пандемијата влијаеше и на прекуграничните спојувања и аквизиции на компании, кои се преполовени во првите неколку месеци годинава.

УНКТАД предвидува и дека кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус ќе го поттикне зајакнувањето на економскиот национализам и ќе го забрза трендот на автоматизација на производството, како резултат на напорите на владите и компаниите да се заштитат од идните шокови.
Компаниите, исто така, ќе се обидат да создадат пократки и поотпорни синџири на снабдување што ќе вклучуваат помалку фази на производство во помалку земји, проценува УНКТАД.