Компанијата за производство на месни преработки Пекабеско објави дека во првите шест месеци годинава работела со вкупни приходи од продажба од 34,6 милиони евра, кои се за 6% помали во споредба со истиот период минатата година.

Најголемиот дел од приходите од продажба на Пекабеско или 86% се остварени од продажби на домашниот пазар, кои во првото полугодие се намалени за 8% и изнесувале 29,8 милиони евра.

Приходите од извоз и продажба на странски пазари изнесувале 4,8 милиони евра и бележат раст од 8%.

Нето добивката, пак, на Пекабеско во истиот период годинава изнесува 68 илјада евра и е намалена за 27% во споредба со истиот период лани.

Од Пекабеско информираат дека во првите шест месеци реализирале инвестиции во основни средства во износ од околу 71,5 илјади евра, со што вкупните инвестиции во изминатите седум и пол години, откако е изграден новиот производствен-дистрибутивен погон достигнале вкупно 9,5 милиони евра.
Во компанијата на крајот на јуни 2020 година работела 474 вработени.

Од Пекабеско информираат дека испoлнувањето на финанскиот план за 2020 е извршен со 42,0% во делот на приходите од продажба и 30,7% во делот на добивката

“За наредниот период компанијата очекува приходите од продажба и добивката да бидат послаби во однос на првичните планираните резултати согласно ситуацијата со Ковид 19 во земјата и регионите каде ги извезуваме нашите производи”, информираат од Пекабеско.

Компанијата Пекабеско е меѓу 100-те најголеми извозници во земјата, која минатата 2019 година остварила извоз од над 10,8 милиони евра.