Полошо е отколку што се очекуваше: Европската економија годинава ќе има пад од 8,3%

Европската комисија денеска ги намали проекциите за европската економија во 2020 и 2021 година заради влошувањето кое се бележи во последните два месеци и покрај чекорите кои ги преземаа државите за отварање на економиите.

Европската комисија очекува дека економијата на Европската унија ќе има пад од 8,3% оваа година, проследено со раст од 5,8% во 2021 година.
Во мај, проценките на Комисијата беа дека годинава блокот од 27 земји членки ќе има пад од 7,4% на БДП, со раст од 6,1% во 2021 година.

„Економското влијание на мерките преземени за справување со пандемијата е потешко отколку што првично очекувавме. Продолжуваме да се движиме во бурни води и се соочуваме со многу ризици, вклучително и друг голем бран на инфекции “, изјави денеска Валдис Домбровскис, потпретседател на Европската комисија.
Од Европската комисија очекуваат економската активност да се зголеми во втората половина од годинава, иако ќе остане „нецелосна“ заради мерките за дистанцирање.

Италија со најголем економски пад

Најновите прогнози покажуваат дека италијанската економија најмногу ќе се намали од сите членки на ЕУ, за 11,2% оваа година. Земјата започна да ги ублажува своите строги мерки во мај, но очекувањата се дека на туризмот и на другите услуги поврзани со потрошувачите ќе им треба подолго време да се опорават.
Комисијата предвидува раст од 6,1% на италијанскиот БДП за 2021 година.
Франција и Шпанија, исто така, се очекува да се соочат со значителни економски падови оваа година.
Брисел сега проектира пад од 10,6% и 10,9% соодветно за Франција и Шпанија. За споредба, во мај, Европската комисија процени пад на БДП од 8,2% за Франција и 9,4% за Шпанија.

Меѓународниот монетарен фонд во јуни соопшти проценка дека еврозоната ќе има пад на БДП за повеќе од 10% во 2020 година.

Во меѓувреме, Германија е единствената земја во еврозоната за која очекувањата за раст се ревидирани нагоре. Според Комисијата, Германија во 2020 година ќе има пад на БДП од 6,3% во 2020 година, наместо претходната проценка од 6,5%.
Ова се должи на дополнителните стимулативни мерки што ги објави германската влада во јуни.
„Од пролетта, германската влада презеде дополнителни мерки за стабилизирање на економијата. Првичниот одговор во март вклучуваше огромна ликвидна поддршка за компаниите во форма на јавни гаранции за заеми, даночни одложувања, грантови за мали бизниси и продолжен и поедноставен пристап до системите за краткорочно работење … На почетокот на јуни владата објави фискален пакет за стимули од околу 130 милијарди евра “, објаснуваат од Комисијата.