Renault (Рено) не прецизираше дали неговиот синџир на снабдување бил погоден од конфликтот со Украина.

Рено ќе прекине некои операции во своите фабрики за склопување возила во Русија следната недела поради логистичките тесни грла што предизвикаа недостиг на компоненти, соопштија денеска од компанијата.

Потегот доаѓа откако Русија започна инвазија на Украина во четвртокот, иако Рено, кој има три фабрики за склопување автомобили во Русија, не прецизираше дали неговиот синџир на снабдување бил погоден од конфликтот.

Renault, кој се врати на профитот во 2021 година по две години загуби, е меѓу западните компании најмногу изложени на Русија, каде што остварува 8% од својата основна заработка, според Citibank.

Во соопштението, руската единица на францускиот производител на автомобили вели дека неговото производство во Москва ќе престане од 28 февруари до 5 март поради „некои прекини во снабдувањето со компоненти“.

„Прекините првенствено се предизвикани од засилените гранични контроли во транзитните земји и принудната потреба да се сменат голем број воспоставени логистички рути“, соопштуваат од компанијата без да именуваат ниту една земја.

Соединетите Држави вчера објавија големи ограничувања за извозот кон Русија , загрозувајќи го нејзиниот пристап до глобалниот пазар од комерцијална електроника и компјутери до полупроводници и делови за авиони.

Извршниот директор на најголемиот руски производител на автомобили АвтоВАЗ, Николас Море, оваа недела изјави дека неговата компанија ќе бара алтернативни набавки на електронски чипови во случај ако американските санкции ги ограничуваат испораките.

Ниту единицата на Рено, ниту АвтоВАЗ не ја спомнаа инвазијата на Украина во своите изјави.

Дури и без санкции, продажбата на нови автомобили во Русија се предвидува да се забави на 3,3% оваа година од 4,3 % во 2021 година, поради скратувањето на електронските компоненти, логистичките предизвици и повисоките трошоци, според Здружението на европски бизнис.

Русија е вториот по големина пазар на Renault Group по Франција.

Извор: AutomotiveNews Europe