Светската банка и ММФ бараат одложување на отплатата на долговите за најсиромашните земји

Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) испратија заедничка изјава до земјите од Г20 која се однесува на олеснувања на отплатата на долговите на најсиромашните земји.

“Избувнувањето на коронавирусот најверојатно ќе има сериозни економски и социјални последици за најсиромашните земји, каде живее една четвртина од светската популација и две третини од светската популација што живее во крајна сиромаштија, кои ќе бидат најтешко погодени”, се вели во заедничката изјава.

ММФ и Свтската банка ги повикаа сите билатерални доверители веднаш да ја одложат отплатата на долговите за најсиромашните земји.
“Тоа ќе им помогне на најсиромашните земји да дојдат до непосредна ликвидност за да се справат со предизвиците што ги предизвикува појавата на коронавирусот и да се овозможи време за проценка на влијанието на кризата и потребите за финансирање за секоја земја”, се вели во заедничката изјава.

Светската банка и ММФ посочуваат дека одложувањето на отплатата на долгот ќе обезбеди „глобално чувство за помагање на земјите во развој“ и ќе испрати силна порака до финансиските пазари.

Тие ги повикаа групата Г20 од најразвиените земји во светот да го поддржат нивниот повик.

Лидерите на земјите Г20 во четврток треба да одржат видео самит на кој ќе разговараат за акциониот план за пандемијата со корона вирус.