Цените на енергијата се очекува да пораснат за повеќе од 50% во 2022 година пред да се намалат во 2023 и 2024 година, се вели во најновиот извештај на Светската банка.
Пазарите на стоки се соочуваат со големи шокови поради руско-украинската војна, која ги менува глобалните модели на трговија, производство и потрошувачка на начини кои ќе ги задржат цените на историски високи нивоа до крајот на 2024 година, покажува најновиот изврштај Commodity Markets Outlook на Светската банка.
Порастот на цените на енергенсите во последните две години е најголем од нафтената криза во 1973 година, додека зголемувањето на цените на прехранбените артикли е најголемо од 2008 година.
„Генерално, ова е најголемиот шок на пазарот на суровини што сме го доживеале од 1970-тите. Како што беше случајот тогаш, шокот се влошува со порастот на ограничувањата во трговијата со храна, гориво и ѓубрива“, изјави Индермит Гил, потпретседател на Светска банка за правичен раст, финансии и институции.
Се предвидува дека цените на енергијата ќе пораснат за повеќе од 50% во 2022 година, пред да се намалат во 2023 и 2024 година, при што цените за неенергестките суровини, вклучувајќи ги земјоделсските суровини и металите, се очекува да пораснат за речиси 20% во 2022 година.
„Сепак, цените на суровините се очекува да останат далеку над последниот петгодишен просек. Во случај на продолжена војна или дополнителни санкции кон Русија, цените би можеле да бидат уште повисои и понестабилни од моментално проектираното“, предупредува Светската банка.
Цената на суровата нафта од типот Брент се очекува да биде во просек 100 долари за барел во 2022 година, што е нејзино највисоко ниво од 2013 година и зголемување од повеќе од 40% во споредба со 2021 година.
Цените се очекува да се ублажат до 92 долари во 2023 година, што е многу над петгодишниот просек од 60 долари за барел.
Се предвидува дека цените на природниот гас (европските) ќе бидат двојно повисоки во 2022 година отколку во 2021 година, додека цените на јагленот се очекува да бидат повисоки за 80%, со двете цени на највисоко ниво на сите времиња.
Се прогнозира дека цените на пченицата ќе пораснат за повеќе од 40%, гледајќи го историски највисоко номинално ниво оваа година, што ќе изврши притисок врз економиите во развој кои зависат од увозот на пченица, особено од Русија и Украина.
Цените на металите се предвидува да се зголемат за 16% во 2022 година пред да се намалат во 2023 година, но ќе останат на покачени нивоа.
„Пазарите на стоки доживуваат еден од најголемите шокови во понудата во последните децении поради војната во Украина“, вели Ајхан Косе, директор на Групацијата за перспективи на Светска банка.
„Зголемувањето на цените на храната и енергијата носи значителен човечки и економски данок и се очекува да го запре напредокот во намалувањето на сиромаштијата”, заклучуваат од Светската банка.