Владата на Србија официјално дозволи извоз на брашно во земјите од регионот, меѓу кои и во Северна Македонија, објави денеска белградскиот весник „Српски Телеграф“.
Како што јави допсиникот на МИА од Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција најави дека и покрај привремената Одлука на властите во Србија за забрана на извоз на основните прехранбени производи поради епидемијата на коронавирусот и воведената вонредна состојба, сепак ќе им се излезе во пресрет на барањата на земјите во регионот, пред се на Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, за извоз на брашно во тие држави.
Како што пишува „Телеграф“, српската Влада го дозволила извозот на брашно, што е потврдено и во „Службениот гласник“ на Србија.
“Од Одлуката за забрана е избришана ставката „брашно од пченица“, која се наоѓаше меѓу останатите 36 други ставки”, наведува „Српски телеграф“
“Има доволно пченица во стоковите резрви и во млиновите. Границите за проток на стоки и трговија не се затворени. Нема потреба од паника, пазарот се снабдува во континуитет”, рече денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
Според него, ако се процени дека има потреба, можно е да се воведат и интервентни мерки.
Министерот изјави дека очекува деновиве Србија да ја тргне забраната за извоз на брашно во земјава под притисок на тамошните компании кои традиционално се присутни на македонскиот пазар.
“Од Србија може да се увезува пченица, нема забрана. Во меѓувреме очекуваме и деблокирање на забраната за брашно. Не треба да не загрижува ситуацијата. Не е побарано директно од нашите власти дозвола за извоз на брашно од Србија. Клучно е дека, според пораките на сите влади во ЕУ, економијата мора да продолжи да функционира, вклучувајќи го и снабдувањето на пазарите со храна, а ние сме традиционален увозник на брашно од Србија. Притисок за извоз прават и српските фирми кои се традиционално пристуни кај нас. Верувам дека ќе извршат притисок за тргање на забраната и дека тоа ќе го направат во наредните денови”, истакна Димковски.