Стопанската комора на Македонија денеска одбележа 98 години постоење и работење на заложби за унапредување на деловниот амбиент во земјата и развојот на македонското стопанство. Дефинирање на идните развојни приоритети, поконкурентна економија и силни извозни капацитети, нови извозни компании и извозни производи што ќе бидат конкурентни на светските пазари, се главните приоритети на Стопанската комора на Македонија во нејзиното 98 годишно постоење.
На настанот на кој присуствува голем број на бизнисмени, банкари и политички функционери беа доделени и посебни награди и признанија за компании кои ја одебележаа изминатата година и кои со своите активности придонесуваат за коморското работење и за развој на македонското стопанство.
На свеченоста на која беше презентирана и студијата на ОЕЦД на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции“, присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката во Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска и шефицата на ОЕЦД за Југоисточна Европа, госпоѓа Марзена Кисиелевска, како и
Вицепремиерката Царовска истакна дека Стопанската комора е еден од клучните партнери на Владата давајќи значаен придонес за градењето и развојот на стопанството во државата и има значаен придонес за остварувањето на конструктивен јавно-приватен дијалог, а преку идеите и консултациите има значајна и неприкосновена улога во креирањето на законските прописи, економските планови и мерки.
“Партнерството мора да продолжи. Повеќе од очигледно е дека компаниите се ослободени и се развиваат, а тоа може да се воочи преку растот на индустриското производство и растот на трговската размена кој лани изнесуваше 10%. Вредноста на извозот во 2019 година беше 6,4 милијарди евра за разлика од 2016 година, кога изнесуваше 4,3 милијарди евра, што е раст за 48%”, истакна Царовска.
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, пак, истакна дека коморската манифестација сведочи за долгата традиција и улогата на бизнис-асоцијацијата како претставник и глас на стопанството.
“Македонската економија треба да стане креативна, современа дигитална економија, во што, главно место имаат компаниите здружени во коморите, а нивните предлози треба да бидат основа на владините економски програми. Комората континуирано дава огромен придонес за развојот на македонското стопанство преку заштита и афирмација на интересите на нејзините членки, активно вклучување во едукација и реформи на образовниот систем, развој и афирмација на стопанските потенцијали. Така беше и во 2017 година, при создавањето на економската програма која даде видливи резултати. Наследивме -1,8% пад на БДП, но до денес го зголемивме на 3,5%. Креиравме 60.000 нови работни места, што е рекорд за толку кратко време. Ја намаливме и невработеноста на 17,1% што е незапаметена бројка досега. За две години потпишавме договори за 34 домашни и странски инвестиции во износ од 740 милиони евра. Се изградија 12 нови фабрики, а се градат уште 22 други”, рече Спасовски.
Според него, членството во НАТО и стартот на преговорите во ЕУ ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата и создава подобра основа за економски раст и развој.
“Колкава е тежината и моќта на Стопанската комора на Македонија во развојот на економијата покажува бројноста и посетеноста на денешниот настан, истакна претседателот на Комората”, Бранко Азески.
Тој потенцира дека државата мора да изгради нова визија и да ги дефинира идните развојни приоритети кои ќе бида основа за поконкурентна економија и силни извозни капацитети, нови извозни компании и извозни производи кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Посебно место тука треба да има развивањето на соработката со регионот на Западен Балкан, каде што постои компатибилност на економиите и на производите.
Кои компании беа наградени?
Традиционално на одбележувањето на секоја годишнина, така и годинава Стопанската комора додели повеќе награди и признанија на реномирани компании и членки кои со своите активности ја обележаа 2019 година и кои долги години придонесуваат за коморското работење и за развојот на македонското стопанство.
Награди за извоз со висок степен на финализација на производите и беа доделени на:
- „МИКРОСАМ“ ДОО – Прилеп –светски конкурентно претпријатие со инсталирани повеќе од 200 производни линии во околу 40 земји низ светот.
- „БРАКО“ ДОО – Велес –препознатлив на многу пазари на Балканот и во Европа, по производство на жичани производи, медицински мебел и товарни приколки, а од неодамна и на транспортни ленти.
- „ЛТХ ЛЕАРНИЦА“ ДООЕЛ – Охрид –браунфилд странска инвестиција за леење и машинска обработка на алуминиумски компоненти наменети за автомобилската индустрија.
Награди за долгогодишно активно членство во Стопанската комора на Македонија беа доделени на компаниите:
- „Македонски Телеком“ АД – Скопје –водечки технолошки лидер, со мрежа целосно базирана на интернет протокол, која покрива 90 проценти од територијата на државата и 99 проценти од населението.
- „ЕВН МАКЕДОНИЈА“ АД – Скопје – водечки европски бренд за услуги во доменот на енергијата и животната средина, што управува со 11 мали ревитализирани и целосно автоматизирани хидроцентрали.
- ГД „ГРАНИТ“ АД –Скопје – една од малкуте градежни компании кои во моментот се присутни и на странскиот пазар со висококвалификувани расположливи кадровски капацитети.
- „САСА“ ДООЕЛ – Македонска Каменица– најголемиот подземен рудник во земјата, со околу 800.000 тони експлоатирана руда секоја година од ревирот Свиња Река.
- ДГ „БЕТОН“ АД – Скопје, со богато искуство и значајни референци во реализацијата на градежни работи во високоградбата, нискоградбата и хидроградбата.
- „ВИТАМИНКА“ АД – Прилеп– лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар, но и со 45% производство наменето за странските пазари во околу 30 земји во светот.
- „Бучим“ ДОО – Радовиш –единствениот рудник за бакар во земјата во кој се обработува преку 4,5 милиони тони руда и се произведува бакарен концентрат кој содржи бакар и злато.
Специјални признанија за најголем број учесници на едукативни настани во Стопанската комора на Македонија во 2019 година признанија добија:
- „Алкалоид“ АД – Скопје –општествено одговорна компанија, вклучена во голем број хуманитарни проекти која несебично вложува во професионално усовршување на своите вработени.
- Стопанска банка АД – Скопје– една од банките предводници во развојот и во спроведувањето на најсовремените финансиски производи и услуги за населението и за правните лица.
За компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар признанија беа доделени на:
- ОПИНЧАР КРСТЕ ЃОРГИ БЕЛЕВ– Охрид – за историски и трајни вредности која од далечната 1946 година со своето постоење покажува дека успева да се справи со сите промени и движења во стопанството.
- „РЕТРО ЕЛЕКТРО“ – Битола –чии почетоци датираат од електро-работилницата „Херц‟ нудејќи сервисни услуги, апарати за заварување, производство на полначи на акумулатори, електрични инсталации за потребите на индустријата и друго.