Трамп ги забрани само патувањата од Европа кон САД, извозот на стоки продолжува без забрани

Aмериканскиот претседател, Доналд Трамп, забрани влез во САД за граѓаните на 26 држави од Европа, како дел од мерките за ставање под контрола на ширењето на коронавирусот.

Мерката ќе биде на сила 30 дена и се однесува на луѓето, а не и на производите што се извезуваат од Европа во САД.

Северна Македонија не е опфатена со забраната на Трамп.

Веднаш по одлуката на Трамп, од Европската унија најавија дека денеска ќе ја анализираат одлуката на САД за забрана за патување од повеќе европски земји поради коронавирусот.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во неговата првична реакција на Твитер, изјави дека „мора да се избегне нарушувањето на економијата“.

Со забраната на Трамп се опфатени 26 земји кои се дел од Шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.

„САД имаат драматично помалку случаи на заразени од вирусот отколку Европа. ЕУ не забрани патувања од Кина и од други жаришта. Како резултат на тоа, голем број нови случаи во САД беа ‘пренесени “ од луѓе што дојдоа од Европа“,

Велика Британија не е дел од забраната на Доналд Трамп.

Од државите од непосредното соседство на Македонија, мерката се однесува само на Грција. Бугарија, Романија и Хрватска, иако се дел од Европската Унија, не се дел од Шенген-зоната.