Најновото истражување на IRU (International Road Union) покажува дека оваа година повеќе од 3,5 милиони превозници на глобално ниво ќе се соочат со досега невидени финансиски загуби, како резултат на ограничувањата и вкупниот економски пад предизвикани од пандемијата на корона вирусот.
Транспортните компании во патниот сообраќај на глобално ниво очекуваат просечен пад на прометот од 18% во 2020 година, во вредност од 551 милијарди евра.
Некои региони биле погодени многу повеќе. Најголем пад на прометот на транспортерите се прогнозира да има на Блискиот исток и Северна Африка (-22%) и во Азија (-21%).
Во Европа се очекува пад од прометот за 64 милијарди евра (-17%). Гледано по земји, најголеми падови на прометот се очекува да имаат компаниите од Аргантина, Кина и Иран за повеќе од 30%.
Покрај компаниите кои вршат превоз на стоки, голем пад се очекува да има и во секторот за превоз на патници. Во Европа се очекува компаниите кои превезуваат патници да изгубат 81 милијарда евра или 57% од своите годишни приходи. При тоа, најмногу се погодени компаниите кои работат во секторот туризам кои се очекува да имаат 82% пад на приходите, компаниите кои работа меѓуградски превоз (-70%), следат такси компаниите со 60% пад на приходите и услугите на градски превоз каде се очекува пад на приходите од 42%.
Од IRU посочуваат дека се потребни јасни мерки за поддршка на транспортната индустрија. Од Унијата објавија и план во 10 точки со финансиски и нефинансиски мерки за владите и банките, со кои би се поддржале превозниците во патниот транспорт, со цел да се олесни движењето на стоки и луѓе и да се поттикне глобално опоравување.
“Дури и на врвот на кризата, патниот превоз остана флексибилен, оперативен и продолжи да ја игра својата важна и единствена улога. Глобалните напори за економско заживување ќе бидат загрозени без јасни мерки за поддршка на превозниците во патниот сообраќај”, посочуваат од IRU.